fon der lajen i kovachevski

30.10.2023 Скопје

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски и претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, која денеска е во официјална посета на земјава, одржаа тет-а-тет средба, по која се одржа билатерална средба помеѓу двете делегации.

Претседателката Фон Дер Лајен посочи дека Република Северна Македонија успешно се движи напред по европскиот пат, и дека земјата не смее да се откаже од просперитетна иднина. Таа порача дека европскиот народ многу позитивно гледа на Република Северна Македонија. Во таа насока беше истакнато дека Унијата внимателно го следи патот на земјата како и одлучноста за членство во ЕУ.

Фон дер Лајен на средбата со Ковачевски потенцираше дека Република Северна Македонија направи многу на патот кон ЕУ и заслужува членство, и оттука нејзината лична силна поддршка и соработка со Премиерот и Владата, кои носат одлучни политики и не отстапуваат од евроинтеграциите на Република Северна Македонија.

На средбата беше разговарано за процесот на скрининг, кој се одвива добро и е во крајна фаза, за инвестициската поддршка на Европската Унија во нашата земја како и за актуелните политички предвизици во државата.

Уставните измени беа оценети како процес кој не е едноставен, но кој понатаму ќе овозможи непречен пат кон членството во ЕУ. Земјата брзо напредува посебно во изминативе неколку години, за што претседателката на Европската комисија, Фон дер Лајен, посочи дека е одличен индикатор за што поскоро членство на Република Северна Македонија во ЕУ.

Што се однесува до Планот за раст за Западен Балкан, беше истакнато дека тој План сигнализира позитивна иднина за Република Северна Македонија, ќе доведе до нови економски можности за земјата и е наменет да обезбеди дополнителен поттик за евроинтеграциите на Република Северна Македонија и земјите од Западен Балкан.

Премиерот Ковачевски на состанокот истакна дека Република Северна Македонија треба да го искористи моментот и да се фокусира на реформскиот процес, имајќи предвид дека динамиката на проширување ќе зависи од брзината со која земјите работат на европеизација на општествата. Република Северна Македонија, со веќе 50% усогласено законодавство со ЕУ, има најголем успех на доближување со европското законодавство, од сите земји во регионот.

Подготвено од М.Д.

About Author