05.10.2023 Скопје
Меѓународниот Институт за економија и мир, врз основа на повеќе безбедносни критериуми, секоја година го изработува Глобалниот индекс на мирот и според него, за 2023 година Република Северна Македонија е на 38 место во светот.
Најбезбедна земја е Исланд, а најнебезбедна Авганистан.
Од поранешните југословенски републики најбезбедна земја е Словенија, која се наоѓа на осмото место, додека пак Хрватска е на 14 место, Црна Гора 45, Босна и Херцеговина 61, а Србија 65.
Од другите држави во регионот, Бугарија е рангирана на 30 позиција, Албанија на 40, а Грција на 60.
САД се на 131 место, Украина на 157, Русија на 158.
На врвот на Глобалниот индекс на мирот веќе 15 години е Исланд како најбезбедна земја во светот. Меѓу првите пет се и Данска, Ирска, Нов Зеланд и Австрија.
Најлошо рангирани и најнебезбедни земји во светот се ДР Конго, Јужен Судан, Сирија, Јемен и Авганистан.
Институтот за економија и мир го изработува Глобалниот индекс според повеќе критериуми, од ниво на насилство, криминал и корупција, до тероризам и меѓународни конфликти. Извештајот се базира и на податоци за трендовите во економијата и мирниот развој на земјите во светот.
Подготвено од А.Ѓ.