17.10.2023 Скопје
На Самитот на лидерите од Берлинскиот процес во 2023 година, вршителот на должноста директор на Секретаријатот на ЦЕФТА, Данијела Гачевиќ, ги истакна обврските што лидерите од Западен Балкан ги презедоа кога станува збор за регионалната соработка уште во 2020 година.
На самитот беше истакнато дека воспоставувањето заеднички регионален пазар ветува зголемена трговија, економски раст, отворање нови работни места, подобрена мобилност, напредок во инфраструктурата и посилна регионална соработка, што ќе донесе многу придобивки за граѓаните и бизнисите во Западен Балкан.
Во своето обраќање на сесијата насловена „Интегрирање на регионот во единствениот пазар и подобрување на конвергенцијата со ЕУ“, Гачевиќ рече дека на експертско ниво се договорени седум исклучително важни одлуки кои треба да бидат усвоени од Мешовитиот комитет на ЦЕФТА.
„Тие имаат потенцијал не само да ги трансформираат нашите економии, туку и да го подобрат секојдневниот живот на нашите граѓани. Овие одлуки, кои се движат од корист од микро-претпријатија до мултинационални и од индивидуални домаќинства до пошироката заедница, нудат раст, просперитет и проширени можности Меѓутоа, вистинските придобивки, опипливите промени кои ќе се почувствуваат во домаќинствата и на пазарите, сè уште не сме ги доживеале бидејќи овие одлуки се уште чекаат на имплементација“, рече Гачевиќ.
Таа нагласи дека иновативните решенија во областите како што се професионалната мобилност, олеснувањето на трговијата, е-трговијата, услугите за испорака на пакети меѓу страните и царинските процедури може да се реализираат само кога регионалната соработка ќе се претвори од зборови во опипливи акции.
„ЦЕФТА е оптимист дека претстојниот План за раст за Западен Балкан, објавен од Европската комисија, ќе ги забрза овие процеси, а со тоа ќе го забрза социо-економското усогласување на регионот со единствениот пазар на ЕУ“, објави организацијата.
Подготвено од А.Ѓ.