17.10.2023 Скопје
Најновите податоци за менталното здравје од студијата „Однесување поврзано со здравјето кај деца на училишна возраст (ХБСЦ)“ откриваат широко застапен и загрижувачки тренд низ Европа и Централна Азија: широко распространет пад во менталното здравје кај адолесцентните девојчиња.
Податоците покажуваат дека и во Република Северна Македонија со возраста расте преваленцијата на млади од 11 до 15 години со нарушено ментално здравје, и тоа на повеќе индикатори на менталното здравје, со најголем пораст кај девојчињата на 15 години.
Во последните шест месеци дури 57% од девојчињата на 15 години во нашата земја имаат пријавено чести нерасположенија, речиси секојдневно. Додека пак, 6 од 10 девојчиња на возраст од 15 години имаат пријавено психосоматски тегоби истовремено повеќе пати неделно во последните шест месеци како: болки во стомакот, главоболки, вознемиреност, раздразливост, проблеми со спиењето и концентрацијата. Исто така, и задоволството од животот опаѓа со возраста од 11 до 15 години, кај девојчињата многу побрзо отколку кај момчињата.
Трендот во последните осум години, низ три истражувачки циклуси од 2014 до 2022 година, ја покажува истата насока на меѓуродови и меѓувозрасни разлики, со високи сличности меѓу 2014 и 2022 година, токму на индикаторите на менталното здравје, што укажува на висока чувствителност на децата на општествените случувања и услови во кои живеат, независно дали се работи за социјална, политичка или здравствена криза и несигурност на заедницата.
Анализирајќи ги податоците од Студијата ХБСЦ од 2021/22 година, вклучувајќи увиди од 280.000 млади луѓе од 44 држави, стануваат видливи комплексностите на менталното здравје кај младата популација во Република Северна Македонија.
Споредено со просекот од 28% од 15-годишните девојчиња кои известуваат чувства на осаменост, во нашата држава таа бројка изнесува 31%.
Секое трето девојче на 15 години во Република Северна Македонија изјавува дека е осамено, а секое второ девојче на истата возраст чувствува дека во изминатите 12 месеци се чувствувала толку тажно и безнадежно, речиси секој ден, во текот на две или повеќе недели, што прекинало да ги прави вообичаените активности.
Лина Ќостарова-Унковска, водечки истражувач на студијата за Република Северна Македонија, изјави дека овие бројки не се само бројки.
„Тие се одраз на нашето општество, нашите училишта, нашите домови. За нашата држава ова е повик за преземање акција – да разбереме подлабоко, да дејствуваме побрзо и да дадеме поголема поддршка“, додаде Ќостарова-Унковска.
Подготвено од А.Ѓ.