https://www.facebook.com/photo/?fbid=4680626831996471&set=pcb.4680628158663005

24.10.2023 Скопје

Министерот за надворешни работи Бујар Османи на опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ и понуди да ги изгласа прво уставните измени, а потоа ќе и остави простор за да одлучи кога ќе бидат изборите.

Според шефот на дипломатијата Османи, станува збор за фер понуда.

Одговарајќи на новинарско прашање на годишната Конференција за сајбер/ИКТ безбедност, во рамки на Претседавањето на Република Северна Македонија со ОБСЕ во Скопје, министерот Османи истакна: „Ако ги изгласаат уставните измени ќе оставиме тие да одлучат кога ќе бидат изборите кога и да сакаат, денеска, утре, задутре, веднаш после изгласување на уставните измени“.

Претседателот на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, предложи парламентарните и претседателските избори да се одржат напролет меѓу двата големи верски празници.

Мицкоски истакна дека моменталната влада преку одбегнување да се договори датум за избори оди кон свесно предизвикување на уставна и политичка криза.

„Срамота е што преку медиуми се договараваме и лиферуваме датуми за редовни избори. Разбирам кога велат дека Ковачевски никој не го слуша во Владата, зошто ниту министрите, ниту вицепремиерите, а ниту кај него во партија му имаат почит. Нека земе бел лист хартија нека напише кој било датум меѓу двата најголеми верски празници идната пролет и да одржиме парламентарни и претседателски избори на еден трошок. Ќе доживеат жесток пораз и тежок дебакл од народот“, додаде Мицкоски.

Според Османи, доколку не се изгласаат уставните измени и ВМРО-ДПМНЕ опстои на својот став, остануваат редовните термини.

Во врска со тоа дали ќе бидат заедно или пак одвоено парламентарните и претседателските избори, Османи истакна дека е прашање на логистика, техника и повеќе проценки на политичките партии „да најдеме одреден консензус“.

Политичките партии во Република Северна Македонија веќе подолго време лицитираат со датуми кога да се одржат изборите идната година.

Политичката партија ВМРО-ДПМНЕ најпрво предложи вториот круг од претседателските и парламентарните избори да се одржи на ист ден, односно на 8 мај, а потоа оттаму се согласија изборите да бидат редовни и најавија дека се подготвени да учествуваат во работните групи коишто ќе треба да го утврдат датумот за одржување на изборите во 2024 година.

Премиерот Димитар Ковачевски истакна дека термините на одржување на редовните претседателски избори, како и за редовните парламентарни избори, треба да бидат предмет на дискусија меѓу сите партии, а не само меѓу две.

Подготвено од М.Д.

About Author