23.10.2023 Скопје
Албанските обвинители поднесоа обвиненија за корупција против поранешниот премиер Сали Бериша и неговиот зет поради договор за земјиште со терен на спортски клуб.
Специјалното обвинителство за борба против корупција и организиран криминал, познато како СПАК, во обвинението наведува дека Бериша го користел своето влијание како премиер од 2005 до 2009 година за да изврши притисок „да ги прекине процедурите за приватизација во корист на други, вклучително и сопругот на неговата ќерка“.
Неговиот зет е уапсен доцна синоќа, а самиот Бериша е пратеник и има имунитет од кривично гонење. Му било наредено да не ја напушта државата и да се пријави во полиција.
Кривичната постапка е покрената во 2020 година, кога актуелниот министер за внатрешни работи Таулант Бала го обвини Бериша дека е вмешан во приватизацијата на теренот и другите спортски објекти на клубот „ФК Партизани“ во Тирана, кои подоцна беа заменети со висококатници.
Бериша го обвини актуелниот премиер Еди Рама дека го оркестрирал целиот случај.
Подготвено од Д.Ц.