02.10.2023 Скопје
Од Општина Илинден информираат дека во рамки на проектот предвидена е целосна замена на постоечката кровна површина на централното училиште, при што ќе се опфати површина од околу 1.600 квадратни метри и ќе се обезбеди хидротермичка изолација.
„Ќе се отстранат старите салонитни табли кои содржат азбестни компоненти хоризонталните и вертикалните олуци, ќе се постави кровен покривач од пластифициран валовит лим. Воедно, ќе се набават и постават хоризонтални и вертикални олуци, опшивки кај вентилационите канали и ќе се постават снегобрани“, соопштија од Општина Илинден.
Оттаму додаваат дека со тоа ќе се спречи протекувањето на стариот покрив и оштетување на внатрешните простории во оваа образовна институција.
ООУ „Ристо Крле“ е изградено пред 44 години, за прв пат се врши замена на кровната површина, а заедно со подрачните објекти во населените места Мралино и Бунарџик учат вкупно 320 ученици.
Подготвено од А.Ѓ.