20.10.2023 Скопје
Директорот на Канцеларијата за Косово и Метохија, Петар Петковиќ, на францускиот амбасадор во Србија, Пјер Кошар, му ја пренел јасната позиција на Белград дека се залага за дијалог како единствен начин за нормализирање на односите со Приштина и постигнување траен мир, но дека патот кон смирувањето на тензиите води низ Приштина, која мора да ги исполни своите обврски и да ја деескалира ситуацијата на северот на Косово и Метохија.
Петковиќ посочи дека тоа имплицира дека специјалните единици на северот на покраината мора да се повлечат и дека мисијата КФОР презема поголема улога во заштитата на Србите, како и дека Приштина што поскоро ќе овозможи одржување на вонредни избори во четири општини на северот на Косово и Метохија, соопштија од Канцелариите за Косово и Метохија.
Тој изјави дека повеќегодишниот терор на Албин Курти врз Србите на северот на Косово и Метохија, кој секојдневно се засилува, довел до трагичните настани во Бањска на 24 септември, кои Белград ниту ги сакал, ниту ги поддржувал на кој било начин, што тој јасно нагласи неколку пати, а и самиот претседател на Србија Александар Вучиќ.
„Наместо тоа, Албин Курти се обидува да ги одложи и избегне одржувањето на изборите со сите административни замки и злоупотреби и на тој начин дополнително да ги задржи своите нелегитимни градоначалници на власт во чисто српските области, додека ги користи своите специјални полициски единици како алатка за терор против невиниот српски народ“, изјави тој.
Тој рече дека Белград очекува меѓународните претставници да ги видат и спречат акциите со кои Курти го поткопува мирот во овие области и ги уништува сите договори постигнати во дијалогот во Брисел, одбивајќи пред се да формира Заедница на српски општини, како што беше договорено уште во 2013 и 2015 година.
Петковиќ посочува дека, наместо тоа, Курти секојдневно покажува со своите изјави дека нема намера да ги исполни досега преземените обврски и со својата секојдневна запалива реторика за напади врз Белград и Србите од Косово и Метохија наместо да работи на деескалација.
Подготвено од А.Ѓ.