03.10.2023 Скопје
Локалните власти соопштија дека повеќе од 60 ученици од основните училишта се хоспитализирани во текот на вчерашниот ден во Јамајка откако имаат изедено бонбони од канабис.
Министерката за образование и млади на Јамајка, Фајвал Вилијамс, изјави дека ниту едно од околу 60 хоспитализираните деца на возраст од 7 до 12 години не е во критична состојба.
Откако јаделе бонбони со канабис, децата почнале да повраќаат и халуцинираат, објави Вилијамс во понеделникот на платформата Икс (Твитер), додавајќи дека некои деца биле приклучени на инфузијата.
“Повеќе од 60 основци мораа да бидат хоспитализирани. Едно момче рече дека имало изедено само една бонбона, толку е силен производот. Родители, внимавајте!”, напиша Вилијамс.
Таа објави фотографија од бонбоните завиткани во пакување во боја на виножито. Во пакувањето е наведено дека производот содржи Делта-8 тетрахидроканабинол, познат како делта-8 ТХЦ, психоактивна супстанца која се наоѓа во растението Канабис сатива, чиј вид, како што е наведено на веб-страницата на Управата за храна и лекови на САД (ФДА), се марихуаната и конопот.
Според американската агенција, има „психоактивни и опојни ефекти“.
Министерката објави и фотографија од пакувањето на бонбоните, на која на задната страна се гледа владиното предупредување „Да се чува подалеку од дофат на деца“ и „Не е наменето за употреба од лица помлади од 21 година“.
Во Јамајка, од 2015 година, употребата на канабис е декриминализирана за лица постари од 18 години доколку поседуваат 56 грама или помалку и се третира како полесен прекршок.
Подготвено од А.Ѓ.