17.10.2023 Скопје
Министерот за надворешни работи Бујар Османи ги повика сите македонски граѓани во Либан да ја напуштат државата поради непредвидливата ситуација таму, потенцирајќи дека граѓаните таму треба да бидат особено внимателни поради фактот што со Либан немаме ниту дипломатски односи, а немаме ниту амбасада.
„Особено треба да бидат внимателни поради фактот што со Либан немаме ниту дипломатски односи, немаме ниту амбасада и ќе биде многу тешко потоа да ги згрижиме нашите граѓани во услови состојбата да се влоши. Сакаме однапред да испратиме покана до сите наши граѓани што се во Либан или, пак, планираат да патуваат во Либан, тоа да го одложат“, односно, како што изјави Османи, тие што се таму да ја напуштат државата.
Во врска со извлекувањето на брачниот пар од Газа, Османи појасни дека станува збор за брачен пар, тоа се локални жители на Газа, но имаат и државјанство на Република Северна Македонија и дека државата е должна секој свој државјанин да го згрижи.
„Во рамките на овие напори да се овозможи граничен премин од Газа во Египет. Во комуникација сме и со луѓето и со МНР на Египет“, истакна Османи.
Подготвено од М.Д.