16.10.2023 Скопје
Комесарот на Обединетите нации за помош и работа со палестинските бегалци (УНРВА), Филип Лазарини, истакна дека хуманитарната криза во Газа достигна критична фаза и дека најголемата агенција на ОН во Појасот Газа е пред колапс.
Тој предупреди дека Газа брзо останува без вода и струја, а населението се соочува со сериозен недостиг од храна и лекови.
„Газа е задавена и се чини дека светот во моментов ја загуби својата хуманост. Ако го погледнеме прашањето за водата – и знаеме дека водата е живот – Газа моментално е без вода, без живот“, посочи Лазарини и предупреди: „Пред да биде предоцна, хуманитарните агенции мора да бидат способни безбедно да донесат основни материјали како што се гориво, вода, храна и лекови. И тоа ни треба сега.“
Запрашан на прес-конференција за обновувањето на водоснабдувањето на југот на Газа, Лазарини рече дека ОН се уште ја немаат таа потврда.
„Како што разбирам, ако има обновување на водоснабдувањето, тоа првенствено ќе влијае на градот Кан Јунис или половина од Кан Јунис. Така, областа јужно од Кан Јунис или жителите на Рафа нема да бидат покриени. Повторно, ова е извештај кој треба да се потврди. А, засега нашите колеги на терен не можат да ја потврдат оваа информација“, рече Лазарини.
Ситуацијата во Газа, тој ја опиша како досега невидена хуманитарна катастрофа без преседан, во која илјадници луѓе бараат засолниште во објектите на УНРВА, додека ресурсите се доведени до крај.
„Бројот на луѓе кои бараат засолниште во нашите училишта и другите објекти на УНРВА на југ е огромен, а ние веќе немаме капацитет да ги примиме“, предупреди Лазарин, нарекувајќи ја опсадата во Газа „ништо освен колективна казна“.
Подготвено од А.Ѓ.