19.10.2023 Скопје
Потсекретарот на ОН за хуманитарни прашања и координатор за итна помош Мартин Грифитс изјави дека Обединетите нации ќе спроведат сопствена истрага за нападот на болницата „Ал Ахли“ во Појасот Газа.
„ОН сигурно ќе спроведе сопствена истрага и тоа мора да се направи многу брзо“, нагласи Грифитс.
Малку порано постојаниот претставник на Русија во ОН, Василиј Небензја, изјави дека Москва бара истрага за нападот на болницата „Ал Ахли“ во Појасот Газа и казна за одговорните.
Небензја ова барање го упати за време на седницата на Советот за безбедност на ОН, нагласувајќи дека Москва е шокирана од нападот на болницата.
Американскиот претседател Џо Бајден на вчерашната средба со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјави дека нападот на болницата не го извршил Израел, туку најверојатно „спротивниот тим“.
Подготвено од М.Д.