17.10.2023 Скопје
Пред десет години, никој не се обложуваше на Португалија, која тогаш беше на работ на финансиски банкрот. Но, денес некои набљудувачи зборуваат за „португалското економско чудо“.
Имено, Португалија во 2011 година навистина го допре дното, во економска смисла. Спасена во последен момент, со планот за помош од 78 милијарди евра доделен од Европската унија (ЕУ) и Меѓународниот монетарен фонд (ММФ). Сепак, следеше драстично намалување на буџетот, со длабоки последици за економското и социјалното ткиво на државата.
А, потоа…
Најзападната земја на европскиот континент напредуваше чекор по чекор, дискретно, избирајќи храбра политика за снабдување, притоа фокусирајќи се на својот главен адут, туризмот. Денес, нејзините напори и овозможуваат да се прераспредели на општествено ниво. Еве седум работи што треба да ги знаете за да го разберете враќањето на Португалија.
Најзападната земја на европскиот континент напредуваше чекор по чекор, дискретно, избирајќи смела политика, притоа фокусирајќи се на својот главен адут – туризмот.
Во португалскиот парламент оваа објава предизвика ентузијазам кај владејачкото социјалистичко мнозинство. Имено, Владата планира да оствари јавен суфицит од 0,8 отсто од БДП во 2023 година, додека претходно очекуваше дефицит од 0,4 отсто, се вели во предлог-буџетот на државата за 2024 година. Во последните 50 години ова е најдобриот резултат – невиден. Во следната година, извршната власт смета на суфицит од 0,2 отсто од БДП, со што планира побрзо враќање на урамнотежените јавни финансии, што го очекуваше дури во 2027 година. Инфлацијата, исто така, треба да продолжи да паѓа на 5,3% во 2023 година, пред да се забави на 3,3% во 2024 година.
Оваа европска земја се опоравува подобро од другите, бидејќи е помалку изложена на последиците од војната во Украина, особено кога зборуваме за енергија. Португалија, на пример, беше многу помалку зависна од увозот на руски гас, за разлика од Германија.
Софија Фернандес, експерт од Институтот Жак Делор, вели дека извозот, особено текстилот и виното, биле силен двигател на португалската трговија минатата година. Тоа, објаснува таа, се индустрии со многу солидно знаење и искуство. Покрај тоа, Португалија стана водечки европски извозник на велосипеди во 2021 година.
Со огромен удел во БДП на Португалија, туристичкиот сектор е навистина главното економско богатство на пиринејската земја. Според официјалната статистика, во 2022 година приходите од овој сектор ги надминале тие од 2019 година за 20 отсто. Само во првата половина на 2023 година, на португалските аеродроми се забележани 31 милион туристи: рекорд што донесе 22 милијарди приходи на оваа земја. Фернандеш понатаму објаснува дека имало вистинска експлозија и дека Португалија е домаќин на патници од целиот свет.
Туризмот е и сектор кој го поттикнува пазарот на труд со рекорден број на вработувања. Речиси 320.000 луѓе работат во хотелиерството и угостителството во Португалија, но негативната страна е што туризмот почнува да се соочува со тешкотии токму во однос на вработувањето; во моментов треба да се пополнат 50.000 работни места.
Неколку години ограничени со буџетските ограничувања наметнати од Брисел, последователните португалски влади се потпираа на многу активна политика на понудата.
„Всушност, земјава поздрави бројни странски инвестиции, со многу поволни даночни програми за меѓународните инвеститори и пензионери од други европски земји, вклучително и Франција“, објаснува експертот од споменатиот институт.
Камен-темелникот на оваа политика се познатите „златни визи“, кои беа пуштени во употреба на крајот на 2012 година и ќе истечат во март 2023 година. Во замена за дозвола за престој, корисниците на оваа специјална виза мораа да платат најмалку 500.000 евра за да купат имот во Португалија, да инвестираат еден милион евра во нивната економска активност или да се обврзат да отворат десет постојани работни места.
Во текот на последните десет години, пиринејската земја заработи вкупно повеќе од 6,5 милијарди евра во замена за повеќе од 11.000 одобрени дозволи за престој, со повеќе од 18.000 визи издадени на роднини на овие инвеститори.
Португалија, како што знаеме, е директен сосед на Шпанија, со која дели голема граница. Со текот на времето, таа успеа да ја направи значаен економски сојузник. Шпанија не е само главната дестинација за националниот извоз на Португалија, туку и нејзиниот главен економски партнер.
Според податоците на Португалскиот национален институт за статистика (INE), трговската размена меѓу двете земји пораснала од 17,6 милијарди евра во 2000 година, или околу 14 отсто од БДП, на 55,5 милијарди евра во 2022 година, или 23 отсто од БДП. Ова е, повторно, резултат без преседан.
Зависноста на португалската економија од Шпанија е толку голема што во последната деценија четвртина од извозот отиде на шпанскиот пазар. Што се однесува до увозот, третина дојде – повторно – од соседна Шпанија. Германија и Франција се вториот и третиот трговски партнер на Португалија.
Ова е другата страна на паричката на економската политика спроведена во последната деценија: со цел да ги исчисти своите финансии, Португалија енормно ги намали инвестициите во секторот за јавни услуги. Образованието, здравството и домувањето во моментов се три големи проблеми, така да се каже.
„И покрај подоброто економско здравје на земјата, многу португалски граѓани чувствуваат дека се деградирани“, посочува Софија Фернандес, а истражувањата покажуваат дека пристапот до домување е главната точка на незадоволство кај Португалците.
За десет години, поради бумот на туризмот, цените на недвижностите „експлодираа“ во просек за 75 проценти. Со многу висока тензија во урбаните области на главните градови, како што се Лисабон и Порто, крајот на „златните визи“ и воведувањето оданочување поповолно за пазарот на долгорочни изнајмувања – се двете мерки што Владата ги усвои за справување со ова незадоволство.
Но, многу Португалци сметаат дека овие мерки се недоволни.
Сепак, на друг фронт е буџетот на португалската влада за 2024 година, кој предвидува зголемување на јавните инвестиции во здравствениот сектор (како во Франција, влошувањето на болничката нега е вистински проблем), образованието и домувањето. За следната година се планира значително намалување на данокот на доход, така што минималната плата за 14 месеци ќе се зголеми од 760 на 820 евра, а пензиите во просек ќе пораснат за 6,2 отсто.
Португалија ја гледа својата иднина во дигиталната и зелената енергија, свесна за потребата да ја диверзифицира својата економија. Затоа, денес земјата интензивно инвестира во нови индустрии, а Софија Фернандес тоа го објаснува вака: „Португалија лансираше голем акционен план за дигитална транзиција минатата година. Исто така, има значителен технолошки старт-ап екосистем. Се повеќе дигитални номади доаѓаат во Португалија, каде што се наоѓаат и центри за повици за големи компании, како што е Мајкрософт“.
Дополнително, уделот на обновливите извори на енергија во производството на електрична енергија во Португалија е еден од највисоките во Европа, околу 60%, според податоците на Меѓународната агенција за енергија (ИЕА). Како што се наведува, тоа се случува благодарение на ветерот и хидроелектраната, како и инвестициите во сончевата енергија.
Сепак, и покрај овие напори, Португалија сè уште останува зависна од фосилните горива во вкупната потрошувачка.
Подготвено од А.Ѓ.