nevreme

31.10.2023 Скопје

Обилните врнежи во Словенија го подигнаа нивото на реките во поголемиот дел од земјата, Сава Бохињка и Соча се излеаа во горниот тек, а издадено е портокалово предупредување за северозападниот и југоисточниот дел на земјата.

Геолошкиот завод на Словенија издаде предупредување дека поради зголеменото количество на врнежи и влажна почва, постои зголемен ризик од создавање нови одрони и нивно повторно активирање.

Во Осилница за нешто повеќе од пет часа наврнале 126 литри дожд на метар квадратен. Од вчера обилните врнежи продолжија да се шират низ Бела Краина и Кочевје, а утринава го зафатија и крајниот запад на Словенија.

Агенцијата за животна средина на Словенија /Арсо/ издаде портокалово предупредување за денеска поради предвидената поголема количина на врнежи за северозапад и југоисток од земјата.

Обилни врнежи се очекуваат во поширокото подрачје на Јулијанските Алпи и во нивните подножји, а локални врнежи и силен ветер ќе има и во другите делови на Словенија.

Информативниот центар за сообраќај предупреди дека повторно се можни проблеми во сообраќајот поради обилните врнежи од дожд.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author