05.10.2023 Скопје
Формирањето на нов „суперконтинент“ може да ги избрише луѓето и сите други цицачи (ако воопшто постојат) од лицето на Земјата за 250 милиони години, покажува новото истражување.
Имено, научниците од Универзитетот во Бристол во Обединетото Кралство, користејќи софистицирани климатски модели од далечната иднина, предвидоа дека по спојувањето на континентите во суперконтинентот, Пангеа Ултима, значително ќе се интензивираат климатските екстреми.
Откриле дека би било екстремно топло, суво и практично непогодно за живеење за луѓето и цицачите, кои не еволуирале за да издржат толку високи температури.
За да ги пресметаат нивоата на јаглерод диоксид, експертите симулираа трендови на температура, ветер, дожд и влага за суперконтинентот и користеа модели на движење на тектонските плочи.
Откриле дека со формирањето на Pangea Ultima, која ќе поттикне почести вулкански ерупции, ослободување на јаглерод диоксид во атмосферата и затоплување на планетата, и нашето Сонце ќе стане посилно, односно ќе емитува повеќе енергија и дополнително ќе ја загрева Земјата.
„Распространетите температури од 40 до 50 степени Целзиусови и уште поголеми дневни екстреми, придружени со високи нивоа на влажност, на крајот би можеле да ја запечатат нашата судбина. Луѓето и многу други видови повеќе нема да можат да живеат на Земјата“, рече климатологот Александар Фарнсворт од Универзитетот во Бристол.
Поради високите температури, би имало недостиг од храна и вода за цицачите, а само меѓу осум и 16 отсто од копното на суперконтинентот би можело да се живее.
Научниците го разгледаа и нашиот сегашен проблем со климатските промени.
„Иако предвидуваме дека нашата планета би можела да биде непогодна за живот за 250 милиони години, ние веќе доживуваме екстремна топлина која е штетна за здравјето на луѓето. Затоа е важно да се постигне нула емисија што е можно поскоро“, рече климатологот Јунис Ло од Универзитетот во Бристол.
Научниците со децении предупредуваат дека затоплувањето мора да остане под 1,5 степени Целзиусови во споредба со прединдустриските нивоа за да се избегнат катастрофални промени кои би го трансформирале животот каков што го знаеме. Последното масовно истребување се случи пред околу 66 милиони години, кога астероид удри во Земјата и ги уби диносаурусите и најголемиот дел од животот на планетата.
Подготвено од А.Ѓ.