25.10.2023 Скопје
Според најавата на германскиот министер за здравство Карл Лаутербах, во Германија наскоро ќе се променат правилата поврзани со Kinderkrankengeld – бенефиции за боледување за децата. Законот веќе помина во Бундестагот.
Министерот за здравство Карл Лаутербах сака да спроведе полесни регулативи за родителите кога станува збор за боледување за болните деца. Имено, родителите во Германија имаат право да земат боледување доколку нивното дете е болно.
„Со новиот закон обезбедуваме родителите веќе да не мораат да трчаат на лекар првиот ден кога нивното дете е болно за да побараат плата за боледување“, изјави министерот Лаутербах. Смета дека сега тоа е бесмислена бирократија.
„Можеме да им веруваме на нашите родители. Посетата на лекар станува неопходна дури од четвртиот ден од боледувањето“, објасни министерот.
Новата законска измена „идеално би требало да се спроведе во текот на оваа зимска сезона“.
Родителите можат да земат отсуство од работа за болни деца до дванаесет години. Здравственото осигурување покрива голем дел од изгубената заработка и исплаќа надоместок – Kinderkrankengeld, што обично е 90 проценти од нето заработката.
Во четвртокот Бундестагот усвои закон со кој ќе се зголеми бројот на денови за кои родителите можат да аплицираат за плата за боледување на децата.
По престанокот на посебните прописи за време на пандемијата, од 2024 година родителите требаше да имаат право на 10 дена боледување годишно по родител. Новиот закон сега го зголемува тој број на 15 дена по дете и родител за 2024 и 2025 година.
Сепак, Бундесратот допрва треба да се согласи со тоа.
Надоместокот за боледување за дете е додаток за замена на плата што лицата со задолжително здравствено осигурување можат да го добијат за (индивидуални) работни денови доколку се исполнети други услови.
Исто како и редовната плата за боледување, вие добивате 90 проценти од изгубената нето плата како бруто плата за боледување на детето.
Воедно, уплатата не смее да надмине 70 отсто од дневниот календарски лимит за утврдување придонеси. Максималната дневна стапка во 2023 година била 116,38 евра.
Подготвено од А.Ѓ.