brisel belgija

17.10.2023 Скопје

Откако двајца шведски државјани беа убиени во центарот на Брисел, Белгија го подигна нивото на тревога за тероризам на највисоко ниво, четири.

Напаѓачот се уште е во бегство, а белгиските медиуми наведуваат дека безбедносните служби имаат видео на кое осомничениот изјавил дека е припадник на „Исламска држава“.

Убиството се случи во пресрет на квалификацискиот натпревар за Европското фудбалско првенство меѓу Белгија и Шведска.

Белгискиот радиодифузер го прекина преносот на фудбалскиот натпревар, додека публиката беше советувана да остане внатре на стадионот.

Белгискиот премиер Александар де Кро упати сочувство до шведскиот колега Улф Кристерсон и посочи дека за Шведска и Белгија борбата против тероризмот е заедничка.

„Штотуку му изразив искрено сочувство на премиерот на Шведска по вечерашниот болен напад врз шведски граѓани во Брисел“, напиша Де Кро на социјалната мрежа „Икс“.

Тој посочи дека будно ја следи состојбата, заедно со министрите за правда и за внатрешни работи од Националниот кризен центар и ги повика граѓаните на Брисел на будност.

Подготвено од М.Д.

About Author