azir aliu mkd

20.10.2023 Скопје

Денеска, министерот за информатичко општество и администрација Азир Алиу соопшти дека Ревизорскиот извештај за периодот јануари 2001 – јуни 2023 година покажува дека на 14 од 18 случајно избрани и анализирани тендерски постапки за јавни набавки во Министерството за информатичко општество и администрација (МИОА) се пријавила само една компанија и за три постапки имало по две понуди, а за една постапка биле доставени три понуди, потенцирајќи дека во голем дел од постапките, сумата за одредена набавка што била предвидена во планот за јавни набавки на МИОА, била иста со сумата што ја понудила одредената компанија.

На прес-конференција по средбата со стопанските комори, Алиу рече дека вкупната сума за 18-те постапки е 6,5 милиони евра. Предметите опфатени со ревизијата биле по случаен избор, а ги анализирал независен ревизор, од отворање на тендерската постапка до финална исплата за реализираните активности. Некои од нив, потенцира, се со висок ризик од можни злоупотреби.

Министерот ги информирал коморите за Извештајот и побарал од нив да кажат зошто мал број компании аплицираат на тендерите. Му одговориле дека „се соочуваат со тендерска документација која, ако се прочита, е очигледно за која компанија е напишана“.

Затоа, Алиу најави за секоја наредна тендерска постапка, при истражување на пазарот, МИОА ќе свикува прес-конференција. Целта е да ги увери компаниите во транспарентноста, како и детално да ги информира кои се потребите на Министерството. Веројатно така, според Алиу, ќе се намали недовербата која е веќе креирана меѓу јавниот и приватниот сектор.

„Не сум правник за да кажам дали сето ова е законски или не, а и во Извештајот не е нотирано нешто незаконско, но нотирано е дека има ризици од злоупотреба. Има институции кои понатму треба да ги следат и анализираат овие процеси. Од една страна, одредени компании ги злоупотребуваат процесите и сами креираат политики врз основа на своите бизнис интереси, а од друга, голем дел од компаниите, поради одредени причини, не се јавуваат на јавните повици на државните институции. Ова влијае на конкурентноста и можноста за поголем избор, односно државните институции се принудени да плаќаат повисоки цени поради малата понуда од компаниите. Затоа, потребно е системско решение кое ќе ги спречи сите потреби за злоупотреби и ќе ја зголеми понудата на добра и услуги кон државните институции“, истакна министерот.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author