izrael netanjahu

21.10.2023 Скопје

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху вети дека „ќе се бори до победа“ во Газа и сигнализираше дека нема пауза во бомбардирањето или подготовките за очекуваната израелска воена инвазија на енклавата откако Хамас ослободи двајца американски заложници.

Хамас, исламистичката група која владее со Газа, ја ослободи Американката Џудит Таи Ранан (59) и нејзината ќерка Натали (17), кои беа киднапирани во напад на јужен Израел на 7 октомври.

Ури Ранан, таткото на тинејџерката, изјавил дека разговарал со својата ќерка по телефон. „Таа звучи многу, многу добро, многу среќно – и изгледа добро“, рече тој.

Вооружени лица на Хамас го нападнаа Израел и убија 1.400 луѓе, главно цивили, а киднапираа околу 200 луѓе. Двете Американки се првите заложници за кои двете страни потврдија дека се ослободени.

„Двајца од нашите киднапирани се дома. Не се откажуваме од нашите напори да ги вратиме сите киднапирани и исчезнати луѓе. Во исто време, ќе продолжиме да се бориме до победа“, рече Нетанјаху во соопштението објавено доцна синоќа.

Абу Убаида, портпарол на вооруженото крило на Хамас, рече дека заложниците биле ослободени делумно „од хуманитарни причини“ како одговор на напорите за посредување на Катар.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author