super market pazaruvanje ceni

24.10.2023 Скопје

Германската агенција за истражување на пазарот GfK денеска објави дека нејзиниот индекс на расположението на потрошувачите за ноември паднал на -28,1 поени од октомвриските -26,7 поени, што е најниска вредност во последните седум месеци.

Пазарите очекуваа вредноста на индексот на потрошувачкото расположение GfK за ноември да биде -26,6 поени.

Според објавата на веб-страницата на оваа организација со седиште во Нирнберг, подиндексот кој ја мери склоноста кон купување остана на исто ниво како и претходниот месец, минимално се зголеми показателот за економските очекувања за иднината, но во исто време се зголеми и подиндексот кој ја мери склоноста кон штедење.

Показателот за очекувањата за приходите падна на -15,3 поени, за четири поени во однос на претходниот месец, додека подиндексот што ја мери склоноста кон штедење се искачи на 8,5 поени, за 0,5 поени во однос на октомври.

„Индексот на расположението на потрошувачите Gfk се намалува трет месец по ред, надежите за закрепнување на расположението на потрошувачите оваа година избледеа“, рече експертот за однесување на потрошувачите на GfK, Ролф Биркл.

Тој додаде дека високите цени на храната ја ослабуваат куповната моќ на домаќинствата во Германија, така што приватната потрошувачка нема да може да ја поддржи економијата годинава.

Според досегашните прогнози на Институтот за економски истражувања IFO и германскиот институт за економски истражувања DIW, германската економија годинава ќе падне за 0,4 отсто, а бројот на невработени ќе се зголеми за околу 150.000 лица.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author