мила петрушевска

16.10.2023 Скопје

Мила Петрушевска во интервју раскажува за нејзиниот мотив за да се истакне како младински лидер, за нејзиното искуство како поранешен студентски лидер во застапувањето на студентските права, како и за постигнатите успеси и резултати.

VOE: Како поранешен студентски лидер, какво беше твоето искуство во застапувањето на студентските права?

Мила Петрушевска: Како прв Претседател на првото Универзитетско Студентско Собрание во рамки на еден Универзитет со мандат од една година ми претставуваше вистински предизвик, но и големо искуство. Гордо, храбро и одлучно ги застапував студентските права во секој момент, но крајните одлуки секогаш се во туѓи раце, односно во рацете на тие што се носители на власт, каде што се добива впечаток дека не постои волја за решавање на проблемите на младите, колку и ние да се трудиме да им укажуваме. Може слободно да се каже дека тоа е и една од главните причини зошто младите денес се иселуваат.

VOE: Кои се Вашите успеси и резултати како претседател на прво студентско Собрание во рамки на еден Универзитет?

Мила Петрушевска: Во изминатиот период сметам дека постигнавме многу, имајќи во предвид дека почнавме буквално од самиот почеток. Успешно организиравме голем број на спортски, културни и хуманитарни настани. За прв пат на јавна сцена со јавен говор проговоривме за проблемите на студентите и на младите и секако како наш, а воедно и мој личен успех ги сметам постигнатите резултати во борбата за студентскиот оброк и бесплатниот превоз за студентите од приватните универзитети.

VOE: Каква е состојбата денес со студентскиот оброк и бесплатниот превоз за студентите од приватните универзитети?

Мила Петрушевска: Како што и сами знаете, студентскиот оброк на почеток на минатата студентска учебна година ни беше укинат буквално преку ноќ. Тоа беше и една од главните причини за мобилизација на студентите. Преку јавни протести, но и преку преговори во парламентот кои што ги имавме со Премиерот, како и преку преговорите кои што ги имавме во Министерството за образование и наука, успеавме да се избориме за нашето право за бесплатен студенстки оброк. Што се однесува до бесплатниот јавен превоз за студентите од приватните универзитети и тој проблем успеавме да го покренеме од мртва точка и да го ставиме во процесот на решавање во рамки на постојните законски рамки. Имено по подесена Претставка до Комисијата за заштита од дискримиација, беше донесено Решение со кое на Градот Скопје и на градоначалничката на Скопје им беше укажано за неправилностите со дадени препораки и рокови истите да ги отстранат. Според моите сознанија, тие препораки во зададените рокови не се испочитувани, па од страна на Комисијата против нив е поднесена соодветна прекршочна пријава а во блиска иднина треба да следи и поднесување на јавна тужба.

VOE: Кој беше мотивот да се истакнеш како младински лидер и кои се твоите очекувања за во наредниот период?

Мила Петрушевска: Лично, мојот ангажман за во иднина планирам да го насочам кон поттикнување на младите поактивно да се вклучат во креирањето на младинските политики. Како Претседател на Студентско Собрание во рамки на еден Универзитет, при средбите со властите се имам запознаено со другите Претседатели на другите Универзитети. Можеби ќе делува невистинито, но реалната слика е дека не секогаш сите студентски лидери имавме исти размислувања, и не сите искрено ги застапувавме барањата на своите колеги и колешки. Затоа идните студентски лидери би требало да размислат за формирање на можеби Државно Студентско Собрание – сите Претседатели на едно место, усогласени, сплотени и обединети без несогласувања и поделби. Само така може да успееме да промениме нешто. Исто така, во Законот за младинско учество и младински политики е предвидено и Национално собрание за млади – нешто што после 3 години од донесување на Законот остана само бланкетна норма. Тоа е нешто што сакам да го остварам во иден период, односно да ја превземам иницијативата за формирање на истото. Затоа, во оваа прилика ги повикувам сите млади кои се активни и ангажирани да ми помогнат во реализирањето на оваа идеја што ни се нуди како можност според Законот и заедно да го подобриме младинскиот стандард во Македонија, така што нашиот глас и став јасно ќе биде истакнат и слушнат во релевантно тело.

VOE: Како за крај, и како млад човек, што би им порачала на младите во Македонија?

Мила Петрушевска: Младите кои веќе се иселени не можеме да ги вратиме назад, за жал. Но, младите што се тука можеме да ги задржиме да останат и да се изградат и остваруваат како личности во нашата земја. Помеѓу младите владее состојба на незаинтересираност за вклучување и ангажирање, или пак кај тие што се вклучени и ангажирани во било кои процеси, најчесто се заглавени во лавиринтите на општото функционирање во државата, со што автоматски го прави младиот човек да не е релевантен фактор во процесите на одлучување и креирање на неговата иднина. Затоа во оваа прилика сакам да им порачам на сите млади дека се додека не се потрудиме и не превземеме некој чекор, немаме право да критикуваме како системот не функционира. Системот го градиме сите ние, а истиот останува на нас младите. Најлесен начин е да се купи карта во еден правец, но кога бродот тоне – патниците бегаат да се спасат, а капетаните остануваат се додека не потоне. А, ние како држава доволно потонавме на секое општествено поле. Затоа редно време е да дојдат идни нови млади генерации кои ќе испливаат на површината, и да бидеме за пример на претходните како треба, бидејќи од нив видовме само како не треба.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author