13.10.2023 Скопје
Фудбалскиот сојуз на Босна и Херцеговина објави известување за навивачите во пресрет на натпреварот со Португалија.
Босанската екипа вечерва гостува во Вадуц со екипата на Лихтенштајн, а следниот домашен натпревар во квалификациите за ЕУРО 2024 го игра против Португалија на 16 октомври од 20 часот и 45 минути на стадионот Билино поле во Зеница.
Со оглед на тоа што стадионот беше распродаден со полн капацитет, беа издадени неколку препораки до навивачите и посетителите.
Меѓу другото, поради зголемените безбедносни мерки кои ќе бидат преземени со цел да се спречи внесување на забранети предмети и средства во просторот на стадионот, се повикуваат навивачите да дојдат на стадионот што е можно порано, а портите на стадионот отвораат два часа пред почетокот на натпреварот.
„Деца помлади од 7 години не смеат да влезат на стадион. Ги замолуваме посетителите да не носат деца на стадионот бидејќи поради тоа што стадионот е распродаден и можната гужва на влезот, ја загрозувате нивната безбедност. Децата над 7 години мора да имаат билет“, соопштуваат од Н/ФС БиХ, додавајќи: „Дозволено е внесување знамиња и други навивачки материјали исклучиво со државните амблеми на Босна и Херцеговина и Португалија. Ги замолуваме навивачите да ги следат упатствата на обезбедувањето на стадионот, и со фер и коректно навивање да ја бодрат нашата репрезентација на овој натпревар“.
Подготвено од Д.Ц.