02.10.2023 Скопје
Градските власти проценуваат дека околу милион луѓе се имаат собрано во неделата во Варшава на протест на либералната опозиција против политиката на националистичката владејачка партија Право и правда (ПиС).
„Околу милион луѓе“, соопштија од кабинетот на градоначалникот, протестираа против владејачката ПиС на покана на опозицијата во центарот на полската престолнина, 15 дена пред изборите.
„Ова е апсолутно најголемиот собир во историјата на Варшава“, изјави прес портпаролката на кабинетот на градоначалникот, Моника Беут.
Тесно спакувани учесниците маршираа носејќи транспаренти на кои пишуваше „Доста ни е и сакаме промени“ и „Заедно имаме сила“.
„Ништо не може да ја запре оваа сила“, рече поранешниот премиер Доналд Таск. „Никој од редовите на властите таму горе да нема илузии. Оваа промена е неизбежна“, додаде тој.
Две недели пред парламентарните избори во Полска, најголемата опозициска алијанса во земјата – Граѓанската коалиција Таск – ги повика своите поддржувачи да излезат на улиците на главниот град Варшава на „Маршот на милион срца“.
Протестите се поддржани и од Левиот сојуз.
Полјаците се поканети на изборите на 15 октомври. Во сите претходни истражувања, политичката партија ПиС, која е на власт од 2015 година, води со очигледна предност.
Според истражувањето на Институтот Ибрис од 27 септември, се предвидува дека владејачката партија ќе добие 35,1 отсто од гласовите и може да се надева на трет мандат.
Подготвено од А.Ѓ.