24.10.2023 Скопје
Европската унија се соочува со ризик од ненадеен прилив на мигранти кои бегаат од војната меѓу Израел и Хамас, изјави грчкиот министер за миграција Димитрис Каиридис, повикувајќи на будност и поголема солидарност меѓу земјите-членки.
„Секогаш постои ризик ако нестабилноста на Блискиот Исток се прошири, особено ако соседните земји како Египет, кој има многу големо население, се вовлечени во неа. Тогаш работите можат да станат многу сериозни“, рече Каиридис.
Тој исто така додаде: „Мораме да бидеме внимателни, ние, како Европа, мораме да бидеме заедно што е можно повеќе. Мораме подобро да ги чуваме границите, да се бориме против криминалните мрежи на шверцери на луѓе и да ги вратиме оние што нема да добијат право на азил“.
Според него, на европскиот блок му е потребен нов пакт, алудирајќи на договорот меѓу Турција и ЕУ од 2016 година за спречување на протокот на мигранти.
Каиридис во текот на вчерашниот ден беше во Анкара, каде што разговараше со турските власти за начините за намалување на бројот на мигранти кои пристигнуваат во неговата земја.
Во време на голема загриженост за безбедносната ситуација поради конфликтот меѓу Израел и Хамас, Каиридис истакнува дека Грција, по смртоносните исламистички напади во Белгија и Франција, води дискусии во Унијата за поголем број депортации и враќање на мигрантите.
Тој се осврна на случајот со тунискиот џихадист, одговорен за убиството на двајцата Швеѓани минатата недела во Брисел, кој илегално престојувал во Белгија бидејќи му било одбиено барањето за азил. Тој влегол во ЕУ во 2011 година преку италијанскиот остров Лампедуза.
„Овде гледаме неприфатлива ситуација, не е важно дали вашето барање ќе биде одбиено или прифатено, вие сепак останувате во Европа. Ние трошиме тони пари и ресурси за да ги разгледаме овие барања, но на крајот сето тоа се претвора во потсмев“, беше груб Каиридис и повика на заеднички европски механизам за враќање.
Подготвено од А.Ѓ.