28.10.2023 Скопје
Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски за пукањето во трговскиот центар во кој се застрелани две лица изјави дека се разговара со многу лица, се обезбедуваат докази, се работи интензивно во откривањето на напаѓачот во Ист Гејт, но е се уште е рано да се споделуваат информации.
Спасовски истакна дека се работи за пресметка на криминални банди кои биле создавани 30-тина години за кои се зборува многу, а никој не преземал одговорност да расчисти со нив.
„Тоа се криминални структури коишто биле создавани 30-тина можеби и повеќе години, за коишто сите гласно зборуваат меѓутоа никој не преземал одговорност за да расчистува со нив и ова раководство тоа го направи и е решено да се расчисти до крај. Да треба многу средства, многу напори, многу енергија, тоа да се случи, меѓутоа мора да се завршат работите коишто ќе допринесат таквите криминални структури да бидат зад решетки, да бидат изведени пред лицето на правдата. Недозволиво во изминатите триесет години да имате структури коишто ги поддржуваат одредени бизнисмени, групи итн. притоа барајќи оправдание зошто практично ги поддржуваат дури и финансиски“, истакна Спасовски.
Главната улога во истрагата, според Спасовски ја има Одделот за форензички испитувања.
„Знаете дека објавивме фотографија од извршителот, таа фотографија ја имаме и од видео надзорот, од сите прибрани документи коишто се, и тоа е нормална постапка во криминалистичките истраги. Затоа што слушам деновиве за разно разни состојби дека некој очекува граѓаните да го утврдат лицето. Тоа се нормални криминалистички постапки коишто се превземаат се со цел да се стигне до извршителот, и најважно е да се откријат мотивите иако знаеме дека тоа се пресметки на криминалните групи. Секако дека утврдивме многу работи, се разговара со многу лица, се прибираат многу податоци, информации, докази. Меѓутоа тоа се уште е рано да може да се споделува заради тоа што ќе наштети на истрагата“, истакна Спасовски.
Министерот напомена дека е важно истрагите да бидат релевантни и дека сензационалното водење на истрагите може да биде добро за медиумите, но не и за истрагата.
Подготвено од А.Ѓ.