25.10.2023 Скопје
Во трговскиот центар Ист Гејт Мол за само два месеци се случија два вооружени напади.
Вчерашниот вооружен напад во Ист Гејт Мол предизвика голема паника меѓу граѓаните, особено меѓу оние кои работат во молот или често го посетуваат.
Шопинг моловите, или по старо трговските центри, се особено фреквентни места каде гравитираат луѓе од најразлични возрасти, но и од најразлични социјални статуси и профилијации.
Во САД ваквите вооружени престрелки и терористичките напади не се реткост.
Во Република Северна Македонија сите модерни трговски центри се обезбедени со физичко обезбедување и видео надзор, додека пак некои трговски центри во светот одат чекор подалеку.
„Мол оф Америка“, еден од најголемите синџири на трговски центри, во 2022 година воведе метал детектори, откако во еден трговски се случил вооружен напад.
Сепак, од Министерството за внатрешни работи сметаат дека тоа е добра идеја, но сепак се скептични за тоа како сето тоа би се имплементирало.
Иако, метал детекторите се скапи, сепак моловите во Скопје можат да си дозволат поставување на истите. Но, сепак, за сето тоа да функционира како што треба, потребни се такви врати на секој од влезовите во еден мол, потоа на секоја од тие врати треба да има обучен кадар кој ќе врши проверка. На крајот, може да се случи да се создаваат многу гужви што може да ги одвлече посетителите.
Сепак, постои уште еден инструмент кој сериозно би ја зголемил безбедноста во трговските центри, а тоа се посебно тренирани кучиња кои можат да пронајдат оружје.
Овие кучиња можат да детектираат оружје дури и кога тоа е во делови, но можат да намирисаат и експлозив, а особено се погодни за пребарување по паркинзите на моловите, каде впрочем се случи и првиот вооружен напад во Ист Гејт Мол.
Во Европа, особено во Германија и Белгија овие кучиња редовно се користат од страна на полицијата за рутински контроли по трговски центри, метро и автобуски станици, јавни културни и спортски манифестации и слично.
Подготвено од А.Ѓ.