10.10.2023 Скопје
Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) ја задржа својата прогноза за раст на глобалната економија во 2023 година, и покрај знаците на слабост што ги покажаа неколку големи економии. Ова е она што произлегува од податоците објавени денеска од институцијата која сè уште прогнозира глобален раст од 3 отсто за 2023 година, а малку понизок во 2024 година, од 2,9 отсто, што е благ пад (-0,1 отсто) во споредба со нејзината претходна проценка, објавена во јули.
„Имаме глобална економија која продолжува да закрепнува од пандемијата и војната во Украина, а во исто време и раст кој останува низок според историските стандарди. Гледаме, исто така, растечки дивергенции“, рече главниот економист на Фондот, Пјер-Оливие Гуринчас, за време на прес-конференција.
Високата инфлација забележана на глобално ниво бара време да се забави, фактор што ги натера централните банки да продолжат со рестриктивната монетарна политика и да ги зголемат каматните стапки. Оттука, Фондот очекува повисока инфлација од прогнозата од пред три месеци, како за годинава, 6,9 проценти на глобално ниво, така и за следната година кога треба да биде еднаква на 5,8 проценти, или 0,6 поени повеќе од очекуваното во јули.
„Инфлацијата паѓа, но помалку брзо и основната инфлација (која не ги зема предвид енергијата и храната) е постојана. Проекциите се повеќе предвидуваат пад кој нема да биде постепен“, објасни Гуринчас.
Подготвено од А.Ѓ.