19.10.2023 Скопје
Претседателот на Црна Гора, Јаков Милатовиќ, порача дека односите со Србија мора да бидат најдобри, бидејќи така мислат граѓаните на двете земји.
„Тоа е и моја политика. Нашите односи се засноваат, пред сè, на економската важност, но и на традиционалните историски врски“, рече Милатовиќ.
Тој посочи дека односите што ги затекнале во 2020 година биле многу лоши и прават се за да се сменат на подобро, со целосна меѓусебна почит и разбирање.
На забелешката дека има и такви кои тврдат дека Белград инсистира на влез на „просрпската коалиција“ во Владата на Црна Гора, Милатовиќ рече дека не знае дали некој инсистирал на влез на некој политички субјект во нова влада и дека не добил такви барања од ниту една страна.
Поради тоа што бројни аналитичари неговото несогласување со мандатарот Милојко Спајиќ го споредија со конфликтот меѓу Мило Ѓукановиќ и Момир Булатовиќ, Милатовиќ нагласи дека „Јаков и Милојко не се новите Мило и Момир“.
„Не е ниту исто време ниту исти околности во кои заедно извршуваа важни државни функции, а потоа во еден момент отидоа на различни политички страни“, вели Милатовиќ.
Подготвено од А.Ѓ.