frontex

04.10.2023 Скопје

Според најновата проценка на ризикот на европската гранична служба Фронтекс, трговијата со оружје е во пораст од почетокот на војната во Украина, а вооружени шверцери на луѓе и илегални мигранти се почесто се забележуваат на мигрантските рути, вклучувајќи го и Западен Балкан.

Од Фронтекс нагласија дека во 2022 година биле запленети различни количества и видови оружје: од огнено оружје и муниција до спрејови со солзавец, пиштоли за шокирање и оружје.

„Веќе не станува збор само за дилери на дрога кои се обидуваат да ги заштитат своите нелегални средства со оружје, туку мигрантите тврдат дека шверцерите на луѓе се повеќе се вооружуваат, особено на рутите на Западен Балкан и Медитеранот“, посочија од Фронтекс.

Покрај шверцерите, Фронтекс посочува дека мигрантите се повеќе се вооружуваат и прибегнуваат кон конфронтации или употреба на оружје против други лица и официјални органи.

Забележливо е зголемено ниво на насилство меѓу нерегуларните мигранти. Евидентирани се неколку примери кога мигранти и шверцери користеле оружје против полицијата и граничните службеници.

Изворот на оружјето се повеќе е Украина, од каде, како што беше нагласено, оружјето што обично го користи само армијата се повеќе доаѓа во рацете на криминалците.

„Како што трговијата со ова огнено оружје, експлозиви и муниција продолжува да расте, сè повеќе нерегистрирано оружје и воена опрема најверојатно ќе завршат на илегалните пазари“, се истакнува во документот на Фронтекс.

Криминалците и шверцерите, како што е нагласено, сè почесто користат технологија, како што се 3Д принтери.

„Оваа технологија овозможува повеќе да не се шверцува целосно оружје бидејќи некои делови лесно се откриваат. Сè почесто се користи „невидливо“ оружје, направено од делови во приватни работилници кои не можат да се следат“, истакнаа тие.

Со оглед на тоа што западнобалканската рута е особено погодена од овој проблем, ЕУ и меѓународните агенции кои се занимаваат со овој проблем се обидуваат да го свртат вниманието на властите на овој растечки проблем во земјите од регионот.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author