05.10.2023 Скопје
Основачот на фондацијата „Тијана Јуриќ“, Игор Јуриќ, изјави дека од 1 ноември, во првата фаза на системот за алармирање во случаи на исчезнати деца, „Amber alert“, кој во Србија ќе се вика „Најди ме“, при исчезнување на дете, со налог од полицијата, медиумите имаат обврска во истиот момент да ја прекинат програмата и да објават форматиран плакат на кој ќе има фотографија од детето и неговите податоци.
„Исто така, сите телевизиски станици во Србија ќе имаат обврска да ја прекинуваат програмата на секои 30 минути во првите осум часа и да ја објавуваат оваа информација или евентуално дополнета со нови информации. По осум часа, а до крајот на 48 часа, оваа информација ќе мора да ја објавуваат на секој час истата информација, или ако детето се најде порано, ќе се објави дека детето е пронајдено“, изјави Јуриќ.
Тој додаде дека, доколку детето не биде пронајдено по 48 часа, полицијата ќе продолжи со постапките и доколку е потребна дополнителна поддршка од медиумите, полицијата ќе ги контактира, за да излезат со некои нови дополнителни информации.
Игор Јуриќ напоменува дека мобилните оператори ќе испраќаат и СМС пораки во првата фаза додека не пристигне системот за емитување, каде граѓаните ќе добиваат информации преку базните станици, а информациите ќе ги објавуваат и железничките и автобуските станици кои во моментов имаат технички можности.
Јуриќ посочува дека наместо полетувања и слетувања на авиони, аеродромот „Никола Тесла“ во истиот момент ќе ја пренесува информацијата дека исчезнало дете и дека во втората фаза од системот „Најди ме“ патиштата во Србија, нафтените компании, социјалните мрежи и други фактори ќе бидат обврзани да ја објавуваат информацијата и дополнително ќе придонесат за што побрзо ширење на информациите за исчезнувањето на детето.
„Имавме тешки ситуации, грешки што ги направивме, нешто каде што не реагиравме навреме, што сега го искористивме на најдобар можен начин за да го прилагодиме системот на нашата земја и да направиме нешто што е подобро отколку во Америка или земјите од Западна Европа“, оцени тој.
Според него, во Србија секоја година во просек се пријавуваат за исчезнати меѓу 1.300 и 1.500 деца, кои главно ги напуштаат своите семејства поради различни околности.
„За среќа, повеќето од тие деца се враќаат, но секогаш постои тој црн број, каде што секогаш имаме неколку малечки за кои немаме резултати од пребарувањето и не знаеме каква е нивната судбина. Овој систем е наменет за тој број, кога знаеме дека лани конкретно 1.523 деца биле пријавени за исчезнати, пронајдени се 1.518, додека пет деца не се знае каде се“, рече тој.
Кога станува збор за криминалните киднапирања, Јуриќ вели дека овој систем секако ќе придонесе одреден број киднапери или да се откажат од киднапирање дете, или на крајот да решат да го ослободат детето кога ќе видат дека алармот е вклучен.
„Некако се изборив секој граѓанин на оваа држава да придонесе во потрагата по исчезнато дете, бидејќи полицијата не може сама да го реши исчезнувањето на децата, без помош на граѓаните и сите чинители во општеството, мислам на медиумите, организациите, мобилните оператори.Вака се вклучуваме во заедничка борба каде потрагата не само што ја врши полицијата, туку сите заедно сме вклучени“, посочи тој и додаде дека системот „Најди ме“ ќе биде меѓу најдобрите во светот.
Јуриќ вели дека според проценките секое шесто дете кое ги напушта семејствата е претежно жртва на манипулација и сексуална злоупотреба, поради што не треба да ги осудуваме овие деца и нивното заминување, туку да се запрашаме зошто децата ги напуштаат семејствата и да ги охрабруваме да пријави злоупотреба.
Зборувајќи за случајот со човекот кој сексуално ја злоставуваше и уби Тијана Јуриќ, Јуриќ изјави дека во својата архива имал неколку кривични дела на насилство, кои не биле пријавени и добро гонети, што го направило невидлив за системот.
„Тоа се луѓето кои се меѓу нас, кои се подготвени да киднапираат дете и да го направат најлошото што човек може да го замисли, кога тој инстинкт функционира. Мораме да бидеме подготвени за овие непредвидени ситуации, кои се многу ретки, но не нешто што се случува не само во Америка, туку и кај нас“, нагласи тој.
Подготвено од А.Ѓ.