https://www.facebook.com/photo/?fbid=516078867199717&set=pb.100063928230945.-2207520000

20.10.2023 Скопје

Во своето обраќање на конференцијата на меѓупарламентарниот дијалог за понатамошно промовирање на европската интеграција на Западен Балкан, во заедничка организација на Парламентарното собрание на Советот на Европа и Собранието на Република Северна Македонија, вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ истакна дека оваа и следната година се многу важни за европската перспектива на Западен Балкан и според него, регионот ќе оди напред.

„Ние сакаме Република Северна Македонија да биде во чекор со другите. Треба да биделе дел од оваа успешна приказна што ќе ја испишеме заедно со ЕУ и другите земји од регионот. Во наш интерес, како и во интерес на граѓаните, е да продолжиме напред и обединети во идејата за просперитетен и интегриран регион во ЕУ“, додаде вицепремиерот за европски прашања Маричиќ.

Вицепремиерот Маричиќ додаде дека нема непремостливи пречки и изрази, како и уверување дека парламентот и пратениците ќе бидат на нивото на задачата и ќе водат конструктивен дијалог со кој „бргу и ефикасно ќе ги исполнуваме обврските и ќе ги надминуваме предизвиците, поврзани со прашањата за правосудството, борбата против корупцијата и владеењето на правото“.

„Европската интеграција не е само опција за земјите од регионот, таа е најдобрата и најразумна опција и единствена алтернатива за нас. Заживувањето и интензивирањето на интегративниот процес од страна на ЕУ, со план и конкретни задачи за членство до 2030 година, ни дава шанса да го постигнеме она што го чекаме речиси две децении, а таа шанса нема да ни биде до недоглед“, посочи Маричиќ.

Тој нагласи дека за поздравување е сè поголемиот ангажман на Парламентарното собрание на Советот на Европа, кој има суштинска улога во поддршката на европската перспектива на Западен Балкан преку засилување на активностите за меѓупарламентарна соработка, насочени кон зајакнување на демократската отпорност, институционалниот капацитет, одржливоста на реформите, како и консултации со граѓанското општество и учество во политичкиот процес на одлучување.

„Континуираната и интензивна соработка меѓу Советот на Европа и ЕУ не само што ќе ја забрза европската перспектива на Западен Балкан туку и ќе ја подобри одржливоста на реформите обезбедувајќи и активно вклучување на парламентот како основа за демократскиот напредок, спроведувањето на европската реформска агенда и што е најважно меѓупартискиот дијалог“, рече Маричиќ.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author