14.10.2023 Скопје
Елисејската палата соопшти дека францускиот претседател Емануел Макрон има наредено мобилизација на 7.000 војници за да се засилат безбедносните патроли во земјата.
Ова следи еден ден откако 20-годишен исламски екстремист со нож избоде локален професор во средно училиште во градот Арас, во северот на Франција.
Франција прогласи највисоко ниво на безбедносна тревога по нападот во петокот.
Кабинетот на Макрон соопшти дека воената мобилизација ќе биде спроведена до понеделник вечер и ќе продолжи до понатамошно известување со редовни патроли во главните градски центри и популарните туристички места.
Кабинетот на францускиот претседател потврди дека француските безбедносни сили спречиле нов „обид за напад“ во друг регион, без да прецизираат во кој регион.
Училиштето во Арас беше цел на варварскиот исламистички тероризам“, рече Макрон по посетата на училиштето, велејќи дека жртвата „веројатно спасила многу животи“ со нејзината храброст во обидот да го блокира напаѓачот.
Полицијата го уапси осомничениот напаѓач, Мохамед Могучков, по потекло од Чеченија, република на Руската Федерација лоцирана во претежно муслиманскиот регион на Јужен Кавказ.
Тој веќе бил регистриран во францускиот регистар за национална безбедност, означен како потенцијална безбедносна закана и под електронски и физички надзор од француската служба за внатрешна безбедност DGSI.
Францускиот министер за внатрешни работи Жералд Дарманен изјави во петокот дека нападот во Арас е поврзан со настаните на Блискиот Исток, каде Израел води воена офанзива против Хамас, палестинската милитантна група која изврши напади врз Израел минатата сабота.
Подготвено од А.Ѓ.