26.10.2023 Скопје
Републиканците во Претставничкиот дом на американскиот Конгрес конечно успеаја да го изберат претседавачот, конгресменот од Луизијана, Мајк Џонсон (51), по хаотичен процес во изминатите три недели во кој не можеа да се обединат околу еден кандидат.
За Џонсон гласаа 220 членови на Долниот дом на Конгресот, додека 209 беа против.
Џонсон беше четвртиот републикански кандидат за оваа позиција откако Кевин Мекарти беше соборен од претседателската функција.
Републиканците имаат тесно мнозинство во Долниот дом на Конгресот, 221 спрема 212, а демократите се обединети во поддршката за нивниот лидер Хаким Џефрис.
Поради рамнотежата на силите, републиканскиот кандидат можеше да си дозволи да изгуби само неколку гласови од своите републикански колеги за да биде избран за претседател со просто мнозинство.
Републиканците го избраа Џонсон откако конгресменот Том Емер, еден од републиканските лидери во Претставничкиот дом, ја повлече својата кандидатура во вторникот.
Поранешниот претседател на САД, Доналд Трамп, на својата социјална мрежа ја поддржа кандидатурата на Џонсон, откако претходно изјави дека гласањето за Емер, кого само по име го означи како републиканец (РИНО), би било „трагична грешка“.
Осум републиканци заедно со 212 демократи на 3 октомври гласаа за смена на Кевин Мекарти.
Тоа беше прв пат во американската историја да биде сменет лидерот на Долниот дом на Конгресот.
Подготвено од А.Ѓ.