20.10.2023 Скопје
Лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски по три години постојани повици за одржување предвремени избори, се откажа од таа реторика затоа што веќе нема време за да се случат.
Во моментов, Мицкоски е фокусиран на предлогот на 8 мај да се одржат двојни избори, вториот круг од претседателските и парламентарните.
За премиерот Ковачевски, тој оцени дека моментално премиерот Димитар Ковачевски игра некаква „мачо игра“.
„Димитар Ковачевски води некоја чудна мачо игра која не ја разбирам навистина. Не знам кој е тој кој што го советува дека сега е моментот да биде мачо и да каже нема предвремени избори, јас кажувам дата. Во ред еве сѐ нека каже тој. Не сакаше лидерска средба, добро, сакаше работни групи, еве прифаќаме работни групи“, рече Мицкоски за време на посетата на Гази Баба.
Мицкоски истака дека веќе нема да коментира на оваа тема и ќе чека власта да го предложи датумот кога ќе се сретнат работните групи.
„Да, му признавам, секоја чест, како тој што кажа така излезе. Како тој што ќе каже и дата и ден кога ќе се сретнат тие работни групи. Само нека се сретнат и нека разговараат“, рече Мицкоски.
Подготвено од М.Д.