03.10.2023 Скопје
Франција се бори со креветските бубачки, а проблемот порасна до такви размери што предизвика дури и политичка дебата.
Градското собрание на Париз соопшти дека инвазијата на инсектите што цицаат крв мора да се реши пред Олимпијадата следната година, а министерот за транспорт ги повика железничките и автобуските превозници да спречат инсектите да се размножуваат на седиштата на нивните возила.
Бројни патници објавија фотографии и видеа од инсектите во градскиот сообраќај во Париз, брзите возови и на аеродромот Шарл де Гол, што предизвика вистински бран на паника и одвратност.
Некои патници во париското метро и локалните возови рекоа дека отсега ќе стојат само затоа што се плашат да седнат. Во текот на летото, еден посетител на киното во Париз на социјалните мрежи објави дека киното е преполно со бубачки, по што кинематограферите објавија дека сите кина се темелно исчистени. Многу компании за дезинфекција (дезинфекција со гас) изјавија дека има зголемена побарувачка за чистење на приватни куќи и станови.
Министерот за транспорт Клемон Бон рече дека следната недела ќе ги повика операторите на јавниот транспорт „за да ги информира за контрамерките и што можат да направат за да ги заштитат патниците“. Исто така, на социјалната мрежа Х, порано Твитер, објави дека целта му е „да ја смири и заштити јавноста“.
Претставниците на градската управа на Париз и пишаа на премиерката Елизабет Борн оваа недела и побараа од неа да формира национална работна група за справување со овој „штетник од инсекти“.
Заменик-градоначалникот на Париз, Емануел Грегор, на француската телевизија изјави: „Никој не е безбеден. Можете да ги добиете секаде и да ги донесете дома, а ако не ги откриете на време, тие ќе се размножат и ќе се прошират“.
Тој, исто така, рече дека париските власти добиваат се повеќе повици за помош, а приватните компании добиле невообичаено голем број барања за дезинсекција во последните недели. Тој додаде дека владата мора да ги координира активностите на сите нивоа на државата „што е можно побрзо и ефективно“.
„Ова е вистински пекол“, рече Грегор и нагласи дека ситуацијата е уште полоша за домаќинствата со ниски приходи кои не можат да си ја дозволат скапата дезинсекција што ја вршат приватните компании.
Бубачките, кои главно исчезнаа до крајот на 1950-тите, повторно се појавија во последните децении, но сега тие се многу поотпорни на хемиски агенси.
Може да се најдат во душеците, но и во облеката и багажот. Тие излегуваат ноќе да се хранат со човечка крв. Тие често предизвикуваат психолошки стрес, проблеми со спиењето, анксиозност и депресија. Весникот Le Parisien во петокот објави напис на насловната страница за паниката со бубачки, нарекувајќи го проблемот „домашен терор“.
Француската национална здравствена и санитарна управа, Ансес, објави дека меѓу 2017 и 2022 година, 11 отсто од француските домови имале проблеми со креветските инсекти.
Оваа недела, машиновозач на линијата 8 на париското метро рече дека видел бубачки во неговиот вагон. Транспортните власти соопштија дека нема потврдени случаи на бубачки, но возот е исфрлен од сообраќај за секој случај и ќе се дезинфицира. Железничките оператори рекоа дека вагоните и седиштата редовно се третираат за да се спречи контаминација.
Матилде Паро, лидер на левичарската парламентарна партија La France Insoumise, рече дека креветните бубачки „предизвикале пекол за милиони семејства во оваа земја“ и дека владата мора да дејствува итно.
Таа, исто така, се присети дека и се смееле кога, во 2019 година, повикала на создавање итен национален план за борба против бубачките.
Подготвено од А.Ѓ.