https://www.facebook.com/photo.php?fbid=505540654908688&set=pb.100063582736486.-2207520000..&type=3

19.10.2023 Скопје

Премиерот Димитар Ковачевски изјави дека во врска со платите на функционерите треба да се дојде до решение кое ќе направи фер вреднување на работата на секого.

„Кога ќе биде подготвено решението за платите од страна на Работната група, тогаш ќе може да се разговара за конкретно решение кое ќе треба да биде прифатено од пратениците и сите други избрани и именувани функционери“, додаде Ковачевски.

Ковачевски не верува во луѓе што работат без плата.

„Работната група што работи ги зема во предвид сите аспекти на располагање, бидејќи тука се работи за два закона по кои се регулираат платите на функционерите. Едниот е Законот за именувани и избрани функционери со кој се регулираат платите на претседателот на државата, претседателот на Собранието, на членовите на Владата, на сите градоначалници, на сите судии, обвинители итн. Додека другиот е Законот за пратеници во кој се регулирани платите на пратениците. Прво, треба да се дојде до решение кое ќе направи фер вреднување на работата на секого“, истакна премиерот Ковачевски.

Тој, воедно, објасни и дека тоа е едната опција, а другата опција е да се оди во сосема спротивен правец и да се прави популистичко решение од какви што две популистички решенија паднаа на Уставен суд.

„Едното беше кога беа замрзнати платите на функционерите и кога секретарка во АЕК имаше поголема плата од пример министер за финансии или од претседател на држава или од претседател на Влада. Другото решение беше кога се отиде исто така во уште една крајност, а тоа е кога се кажа функционерите ќе земаат минимална плата, а Уставниот суд исто така го поништи, бидејќи во државата постои систем на плати што не може да биде дерогиран“, додаде Ковачевски.

Ковачевски истакна дека се согласува со министерот Османи, кој изјави дека живее само од функционерската плата и токму поради тоа таа му е многу важна. Затоа што, како што рече, луѓето работат за плата.

„Има некои што кажуваат дека би работеле без плата, јас во човек што работи без плата не верувам. Имам 25-годишно работно искуство и не верувам во луѓе што се подготвени да работат без плата“, истакна Ковачевски.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author