16.10.2023 Скопје
За време на Самитот на лидери на Берлинскиот процес, премиерот Ковачевски очекува конструктивна дискусија околу зголемување на регионалната соработка, инвестициите за поврзување на регионот, односно на сите земји во регионот и разговори во однос на обезбедување на енергетска независност и обезбедување на дополнителни финансиски средства за енергетско осамостојување на регионот и зелена транзиција на енергетскиот сектор.
„За време на Самитот ќе биде потпишан и договор за меѓусебно признавање на дипломите на фармацевтите, потоа на акушерите, на медицинските сестри кои што доаѓаат како дополнување на она што го имаме потпишано на минатиот самит – признавање на дипломите на лекарите и на другите дејности кои се регулираат согласно со европските директиви“, истакна премиерот Ковачевски.
Премиерот Ковачевски најави дека ќе се сретне и со германскиот канцелар Олаф Шолц, а утрово се има сретнато со комесарот Вархеји и претседателката на ЕБОР, Рено-Басо.
„Денес се одржува вториот Самит на Берлински процес во нашиот регион, првиот беше во 2020 година кога организатори беа Северна Македонија и Бугарија, меѓутоа заради Ковид пандемијата беше организиран онлајн. Ова е втор каде што со физичко присуство ќе бидат лидерите на земјите од Западен Балкан заедно со претседателот на Европската комисија, на Европскиот совет и други лидери од Европската Унија“, изјави премиерот.
Подготвено од А.Ѓ.