19.10.2023 Скопје
„Во Република Северна Македонија не постои вистинска политичка волја за промена не само во политиката, туку и во верските заедници кои што блокираат промена и ја блокираат Истанбулската конвенција“, изјави холандскиот амбасадор Дирк Јан Коп.
Холандскиот амбасадор Коп истакна дека сите други земји во период од 10 до 15 години успеаја да ги направат потребните реформи и да станат членки на ЕУ.
„Што правите вие, освен што натрупувате изговори за исполнување на барањата за членство. Зошто вие не ги завршивте своите реформи пред 15 години како и овие други земји? Слушам дека Европската унија е виновна дека членството е заедничка одговорност и дека ние премногу ве оставаме да чекате. Вистината е дека членството е ваша одговорност и вие нас не оставате да ве чекаме премногу. По децении огромна поддршка, каде отидоа парите на нашите даночни обврзници? После сите овие години има стратегија за се, има по два акциски планови за се, сечија свест е веќе трипати зголемена и сите се веќе обучени четирикратно. Сепак, се е заглавено поради недостатокот на имплементација, корупцијата и непотизмот. Со едноставни зборови нема вистинска политичка волја за промена не само во политиката, туку и во верските заедници кои што блокираат промена и ја блокираат Инстанбулската Конвенција. Политичарите и понатаму се безчујни и сакаат да се фотографираат со свештениците и оџите. И која е пораката за нас? Пораката е дека ги сакаме вашите пари, меѓутоа не ги сакаме вашите вредности“, рече амбасадорот Коп на Втората регионална експертска конференција за Кластер 1 „Основни вредности“ во рамки на проектот „Правдата нека владее со регионот“.
Амбасадорот нагласи дека Холандија беше и ќе продолжи и понатаму да биде партнер за регионот на нивниот пат кон ЕУ.
Коп потенцира дека „ситуацијата во правосудниот сектор не остави без друга опција освен да ја евалуираме нашата поддршка која што ја даваме“.
„Сепак, самиот регион и покрај ова нема некоја друга алтернатива освен да се движи напред кон ЕУ. Друга алтернатива е за 20-ина години да се создаде една група на сиромашни земји со празни села, со празни места каде што ќе останат само стари луѓе додека останатите ќе бидат емигрирани. Знаците се тука. Ова не е бајка. Денешниот геополитички контекст е во најмала рака сложен, но неговиот релативно мало влијание врз регионот не може повторно да се искористи како изговор да не се оди напред. Одењето напред може само да се постигне само ако има владеење на правото, демократија и почитување на човековите права“, рече тој.
Како што нагласи амбасадорот, во Холандија голем акцент се става врз владеењето на правото, бидејќи тоа е основата и камен темелник за сите демократии и тука станува збор за разбирање на правата на граѓаните, за балансот меѓу нивните непремостливи права кон слободите и обврските и имањето на јасни правила со коишто се ограничуваат овластувањата на власта и се третираат сите луѓе на еднаков начин. За сето тоа, како што потенцира, потребно е да постојат стабилни институции, бидејќи институциите се скелетот и основата на државата, а не поединечни корумпирани шефови и диктатори.
„Холандија не е голема земја. Ние имаме 18 милиони луѓе кои што е иста големина како и населението во Западен Балкан. Она што ги штити малите земји не е големината или воената моќ, туку меѓународното право и човековите права. Нас, името на овој проект ме потсети на стара латинска поговорка за правдата која што значи „правдата нека се изврши дури и небото да пропаѓа“. Овие зборови се и денеска релевантни и се длабоко вградени во културата на западните цивилизации. Тоа значи дека правдата мора да се изврши без оглед на цената. Ова исто така значи дека мора да има фер, да има објективност и соодветно спроведување на начелата на правдата коишто се одамна утврдени и дека еднаквите треба да се третираат еднакво, а нееднаквите нееднакво. Треба да се обезбеди еднакво за сите и да се обезбеди дека никој не е над законот. Во Холандија, во Северна Македонија, во Србија, во Албанија, насекаде тоа значи дека луѓето би требало да може да му веруваат на законот и да им веруваат на своите институции“, рече тој.
Подготвено од М.Д.