култура се за љубов

27.10.2023 Скопје

По минатогодишниот голем интерес за комедијата на театарот „ЗАМКА“, Тетово повторно ја угостува оваа хрватска театарска група – овој пат со нова комедија под називот „Сè за љубов“.

Во организација на Македонско-хрватското друштво, во Тетово премиерно ќе биде изведена театарската претстава „Сè за љубов“ на театарот „ЗАМКА“ од Загребската жупанија. Изведбата е закажана за 4-ти ноември (сабота), во НУ „Музеј на тетовски крај“ (Дом на АРМ), со почеток во 19 часот. Влезот е слободен.

Режијата за претставата ја потпишува Штефица Фањек, а во 60-те минути ќе ја следиме мајката Влатка која, специфично за мајките, е загрижена за иднината на своите двајца синови – Иван и Зоран. Тие немаат постојана работа, а што е полошо, Иван нема ниту жена ниту деца, па за него се грижи неговата мајка. Гледајќи дека „ѓаволот ја има однесено шегата“, Влатка се одлучува да ја земе судбината на синовите во свои раце, па ја повикува Марица која се занимава со спојување на парови, за да изберат девојка за Иван…

Овој театар и минатата година гостуваше во Тетово, за прв пат, што предизвика сериозен интерес за тогашната комедија „Повеќе среќа друг пат“. Актерите ја преполнија салата на Домот на АРМ, а тоа беше потив за повторно гостување во Тетово, овој пат со новата комедија „Сè за љубов“. За разлика од минатата година, кога претставата беше на дијалект, оваа комедија „доаѓа“ на стандарден хрватски јазик.

Тоа што сигурно го знаеме – хуморот е загарантиран, а влезот слободен!

Подготвено од М.Д.

About Author