13.10.2023 Скопје
Климатолозите предупредуваат дека оние кои пијат пиво може сериозно да ги почувствуваат климатските промени поради намалениот принос на хмељ и соодветната киселост.
Истражувањата покажуваат дека во наредните години климатските промени сè повеќе ќе влијаат на работата на одгледувачите на хмељ во главните европски региони, каде што расте ова качувачко растение од семејството на коноп, кое е клучно за производство на пиво.
И количината на собраниот хмељ и содржината на алфа киселина, кои се клучни за горчливиот вкус на пивото, во просек ќе бидат значително помали отколку во минатото.
Меѓународниот тим што ја спроведе студијата повика на „итни мерки за адаптација“.
Експертите сметаат дека ќе бидат потребни поголеми површини за одгледување.
Тие проучувале пет области за одгледување хмељ, вклучувајќи три града во јужна Германија и два региони во Чешка и Словенија.
Истражувачите очекуваат третина помалку алфа киселина по хектар обработено земјиште во периодот од 2021 до 2050 година во споредба со приносите од 1989 до 2018 година.
Во Халертау, најважната област за одгледување хмељ во Европа, се очекува нивото на киселина да се намали за речиси 40 проценти.
Научниците го припишуваат овој развој на зголемувањето на температурните вредности и недостатокот на врнежи.
Томас Рајзер, директорот на најголемиот светски трговец со хмељ „Барт-Хас“, сепак, смета дека новите сорти и методи на одгледување ќе овозможат да се одржи конкурентноста на одгледувањето хмељ во јужна Германија.
Подготвено од А.Ѓ.