https://www.flickr.com/photos/152835368@N03/36054662635/in/photolist-WW2z5p-BWSMdb-KpTVkG-KzhqSQ-5b9rPV-bM5sdt-dsHHGb-hvYGTW-b81qDn-24gzod-WkHinR-dae59M-4X5ojn-LMNiPq-7KHc89-aWDoYT-LUkb2-8eXNLD-Mm7xm-29AuMRH-vGyRF-5AbeMG-4Dv6ob-Xz7oK-Sqd9E1-YndVkk-La4LDt-9ye12H-9pmcUh-8jkDKN-ai9ifK-pePizi-aPSewi-eDSbrz-akHDiR-9vQrFk-pihRbx-fQwvss-87FvXU-88J2jW-8byQdh-b5K85a-RsuMb-rGDeGo-6euUqD-g3PY5T-aBMmtp-cA675U-DpF1M-BbgzFy

19.10.2023 Скопје

„Пет минути по почетокот на натпреварот на трибините се слушна дека нешто страшно се случило и тогаш луѓето почнаа да гледаат во своите мобилни телефони наместо во играта“, раскажува шведската навивачка Пернила Калиф за тоа како во понеделникот вечерта одекнала веста на стадионот „Крал Бодуен“ во Брисел за двајцата шведски навивачи на возраст од 60 и 70 години кои загинаа во терористички напад на исламски фундаменталист, додека третиот е тешко ранет.

Тунижанецот Абдесалем Ласуед (45), кој во вторникот наутро беше убиен од белгиската полиција во кафуле во Брисел по дојава од граѓани, намерно ги нападнал шведските навивачи пред квалификацискиот натпревар меѓу Белгија и Шведска за ЕП 2024 година, со цел да се одмазди за многубројните палења на Куранот што се случија во последните месеци во Шведска на јавни места извршени од лица блиски до екстремната десница. Исто така, нема сомнеж дека терористичката кампања на Ласуед беше мотивирана од актуелниот конфликт меѓу Хамас и Израел.

Шведскиот премиер Улф Кристерсон во вторникот во своето обраќање до јавноста рече дека е откриено дека извршителот на овој терористички напад отслужил затворска казна од 2012 до 2014 година во Шведска, каде што дошол како бегалец. Се верува дека тој потоа заминал во Белгија и таму побарал азил во 2019 година. Иако неговото барање било одбиено, тој не бил депортиран, туку останал илегално да живее во Белгија. Се чини дека шведската полиција ги предупредила своите белгиски колеги дека Ласуед се радикализирал уште во 2016 година.

Ласуед по нападот се прогласи за „војник на Исламската држава“ на социјалните мрежи, што можеби објаснува како ја имал воената полуавтоматска пушка АР-15, инаку омиленото оружје на американските масовни убијци. Во меѓувреме, Исламската држава, терористичка и исламистичка организација која го загуби последното упориште на Блискиот Исток во 2019 година и се сметаше дека го изгубила својот смртоносен потенцијал, ја презеде одговорноста за нападот во Брисел на својот канал Телеграм.

„Сè покажува дека ова е терористички напад насочен против Шведска и Швеѓаните. Тешко е да се согледаат размерите на последиците од овој терористички напад. Живееме во мрачни времиња. Мораме да го заштитиме нашето отворено демократско општество. Мора да се држиме до нашите сопствените вредности. Нема да се прилагодиме на терористите“, рече шведскиот премиер, нагласувајќи: „Во исто време, не сакам Швеѓаните да одат наоколу криејќи се кои се и од каде се. Тоа нема да се случи.“

Пред да присуствува на комеморацијата за убиените шведски граѓани во Брисел во средата, Кристерсон истакна дека границите на Европа мора да бидат заштитени: „Ако немаме контрола над границите на Европа, ако некој може да влезе во Европа, тогаш ситуацијата е опасна. Без контрола на надворешните граници, не можеме да имаме слободно движење во Европа“.

Шведските власти со месеци се свесни за зголемениот ризик од тероризам, па врз основа на разузнавачките податоци, можноста за терористички напади во август беше зголемена на четврто ниво на скала од пет, што укажува на конкретна закана.

Иако во тогашната шведска јавност првенствено се сметаше дека се однесува на опасност од терористички напади во земјата, сега е јасно дека шведските граѓани ќе бидат нападнати и во странство.

Вестите за насилство на јавни места секако не се преседан во шведските медиуми, првенствено преку извештаи за криминалното подземје каде и сторителите и жртвите се претежно имигранти, но терористичките напади од вакви размери се уште се ретки во Шведска. Единствениот споредлив случај во последните 50 години се случи во 2017 година, кога узбекистански исламист киднапираше камион во центарот на Стокхолм, при што уби четворица, а рани 15 лица.

Иако премиерот Кристерсон ги повика шведските граѓани јавно да се кријат од каде доаѓаат, шефот на обезбедувањето на Шведската фудбалска асоцијација, Мартин Фредман, им препорача на навивачите да ги остават националните симболи како дресови и шалови при заминувањето од Брисел.

Со оглед на тоа што по ескалацијата на конфликтот меѓу Хамас и Израел, како и поради имиџот на земјата како „непријател на исламот“, Швеѓаните станаа посакувана цел на радикализираните исламисти, шведските медиуми шпекулираат дека ваквите препораки ќе важат за подолго, како за навивачите и гледачите, така и за самите шведски спортисти во странство.

Како и обично, трагедијата во Брисел стана повод за обвинувања и конфликти во шведската партиска сцена. Така, екстремно десничарската парламентарка на Шведските демократи, Џесика Стегрудс, напиша на X дека претседателот на Шведската фудбалска асоцијација, Фредрик Рајнфелд, кој беше евакуиран под обезбедување, требало да биде оставен на стадионот без никаква полициска заштита.

Имено, Рајнфелд беше премиер на шведската влада на десниот центар (од истата партија на Умерените како и Кристерсон) до 2014 година, во време кога Шведска прифати десетици илјади бегалци од Блискиот Исток.

„Ги презирам сите политичари – вклучително и Фредрик Рајнфелд – кои ги поставија темелите за ова“, напиша Стегрудс во твитот што подоцна, по напливот на осуди од сите страни, го избриша.

Подготвено од Д.Ц.

About Author