13.10.2023 Скопје

Решивте сами да започнете да учите странски јазик, но не знаете од каде да започнете или како да си го олесните учењето. Токму затоа решивме да ги провериме начините на кои полесно ќе го совладате странскиот јазик, а во продолжение ви пренесуваме неколку совети кои ќе ви помогнат во тоа.

Поставете си цел

Откако ќе одлучите кој јазик ќе го учите, поставете си јасна цел. Запрашајте се што сакате да постигнете, односно која е целта на учењето и дали е остварливо. Фокусирајте се на она што планирате да го научите, а не на тоа колку време планирате да учите. На пример, поставете си цел да научите 30 англиски зборови поврзани со купувањето за една недела.

Разговор

Значајна помош во изучувањето на јазикот е посетата на странска земја каде што е официјален јазик, се разбира доколку можете да си го дозволите тоа. Меѓутоа, тоа често не е возможно, па добра алтернатива е разговор на странски јазик со други учесници на училиште за странски јазици или преку видео повик со луѓе на кои им е мајчин јазик тој јазик, а кои можете да ги запознаете преку социјалните мрежи. Едно е да учиш сам, а сосема друго е кога наученото знаење треба да го примениш во реални ситуации.

Работниот материјал поделете го на помали делови

Многу е полесно да совладате текст од 100 зборови отколку 1.000 зборови, па соодветно поделете го поголемиот текст на помали делови, учете со разбирање и мозокот полесно ќе го обработи свежиот материјал и ќе го поврзе со претходно наученото.

Гледајте филмови

Гледањето странски филмови без преводи е еден од најлесните начини да ја запознаете културата на друга земја без да патувате. Многу е лесно да се добијат овие филмови бидејќи има многу веб-локации на интернет кои ги нудат онлајн. Освен што ќе го збогатите вашиот вокабулар, ќе совладате и некои специфики на јазикот и ќе се запознаете со фразите што се користат во секојдневниот говор.

Читајте странска литература

Сè што ве интересира во животот и информациите што ви се потребни барајте го на странски јазик. Читајте весници и книги, но и сите други содржини кои ве интересираат и кои вообичаено ги читате на вашиот мајчин јазик и барајте ги на Интернет на јазикот што го учите.

Комуницирајте во писмена форма

Вежбајте да пишувате на странски јазик со пишување писма или преку онлајн комуникација преку социјалните мрежи, форуми и слични сајтови на кои пристапувате.

Размислувајте на странскиот јазик

Обидете се да вежбате размислување и „внатрешен дијалог“ на јазикот што го учите во секој слободен момент кога сте сами. На овој начин вежбате и ја отстранувате бариерата за комуникација со други луѓе на странски јазик.

Слушајте аудио материјали

Странски јазик можете да научите и преку аудио содржини специјализирани за учење, а дополнителна помош ќе ви пружат и странските радио станици до кои денес не е проблем да се стигне преку интернет.

Не плашете се од грешки

Немојте да бидете под стрес ако не можете да се сетите или ако погрешно напишате или кажавте некои фрази или зборови што мислите дека сте ги научиле. Грешките се само дел од учењето и апсолутно неопходни за напредок. Всушност, понекогаш е полесно да се учи од грешките.

Одвојте повеќе време за учење

Дајте си доволно време да учите и да научите втор јазик и одредете го бројот на часови за учење во текот на неделата и држете се до тој распоред. Не форсирајте ништо затоа што ќе предизвикате спротивен ефект, односно ќе ве преплави материјал кој нема да можете да го асимилирате и што ќе ви создаде дополнителна забуна.

Користете различни техники за учење

Кога учите странски јазик, многу е важно да запомните како порано учевте и која техника најдобро ви одговараше. Дали ги подвлечевте клучните делови од текстот или можеби напишавте дефиниции на картички? Ако не сте, сега е добро време да размислите за тоа. Картичките можат да бидат одлична помош при учењето јазик. Можете да ги направите на мали хартии и да напишете збор на вашиот мајчин јазик од едната страна и на странски јазик од другата страна.

Почнете да го користите јазикот секој ден

Иако може да изгледа предизвик да се користи јазикот надвор од часовите, без разлика дали посетувате часови по странски јазици во живо, онлајн или користите мобилни апликации или програми, тоа не е толку тешко. Постојат многу едноставни, па дури и забавни начини да го направите јазикот дел од вашето секојдневие.

Прво, искористете го секој момент кога треба да научите нови зборови и да носите картички со себе и да ги проучувате, на пр. додека патувате. Кога ќе почнете да се чувствувате уморни, преминете од активно на пасивно учење правејќи го она што вообичаено би го правеле на вашиот мајчин јазик.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *