ekonomija

26.10.2023 Скопје

Јапонскиот јен повторно падна во однос на американскиот долар и сега е на најниско ниво во последниве речиси 30 години, што го зголемува ризикот од интервенција на јапонската влада на девизниот пазар и притисок врз централната банка на земјата да ја прилагоди монетарната политика.

Според податоците на меѓународната валутна берза Forex, доларот во 13:00 часот се продаваше за 150,28 јапонски јени.

Јапонскиот министер за финансии рече дека го следи девизниот пазар со постојано чувство на притисок, што укажува на високо ниво на загриженост.

Заменик-главниот секретар на кабинетот на Јапонија, Хидеки Мураи, предупреди дека ненадејните промени на девизниот курс се непожелни и одби да коментира за можна интервенција на пазарот.

Јапонија потроши околу девет трилиони јени, или 60 милијарди долари, во септември и октомври минатата година за да ја поддржи својата валута, но јенот ослабе за речиси 13 отсто во однос на доларот оваа година.

Креаторите на политиката на Банката на Јапонија (БОЈ), исто така, ја забележаа слабоста на јенот, а следната недела мора да одлучат дали да ја сменат монетарната политика која со години врши притисок врз јапонската валута.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author