gaza vojna izrael

13.10.2023 Скопје

Џонатан Конрикус, портпарол на израелските одбранбени сили, прочита соопштение во кое армијата ги повикува жителите на северна Газа да ја напуштат областа, давајќи им инструкции во врска со тоа.

Во соопштението на армијата се наведува дека терористичката организација Хамас започна војна против Израел и Газа е област каде што се водат воени операции, потенцирајќи дека оваа евакуација е за безбедност на Палестинците.

„Ќе можете да се вратите во Газа дури откако ќе биде објавено дека тоа е дозволено“, се додава во соопштението.

Се предупредуваат жителите да не се приближуваат до областа каде што е безбедносната ограда со Израел, а информирани се и дека „терористите на Хамас се кријат во Газа, во тунели, под куќи и во згради каде живеат невини цивили и ги користат како жив штит“.

Нагласено е дека во наредните денови ИДФ со значителна сила ќе ги продолжи операциите во Газа и ќе направи се за да избегне цивилни жртви.

Официјален претставник на ОН изјави дека Обединетите нации се обидуваат да добијат појаснување од израелските официјални претставници на највисоко политичко ниво, откако беше издадена поширока наредба за евакуација до ОН од онаа што ИДФ ја објави јавно неодамна.

„Ова е целосно без преседан“, истакна официјалниот претставник на ОН.

Паничните гласини за евакуација почнаа да се шират низ северниот дел на Газа рано утринава.

Портпаролката на палестинската Црвена полумесечина во градот Газа, Небал Фарсак, изјави дека нема шанси повеќе од милион луѓе да бидат безбедно евакуирани толку брзо.

„Заборавете на храната, заборавете на струјата, заборавете на горивото. Единствената грижа сега е дали ќе успеете, дали ќе преживеете“, низ солзи рече Фарсак.

„Што ќе се случи со нашите пациенти?“, праша таа и потоа додаде: „Имаме ранети, имаме стари луѓе, имаме деца кои се во болници“.

Фарсак рече дека многу лекари одбиваат да ги евакуираат болниците и да ги напуштат пациентите. Наместо тоа, рече таа, тие ги повикале своите колеги да се поздрават.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author