26.10.2023 Скопје
Израел најави дека ќе ги одбие барањата за виза од претставници на ОН како одговор на коментарите на генералниот секретар на организацијата, Антонио Гутереш, кој рече дека нападот што го започна Хамас на 7 октомври не се случил „во вакуум“.
„Поради забелешките на Гутереш, ќе одбиеме да им издаваме визи на претставниците на ОН. Веќе му одбивме виза на потсекретарот за хуманитарни прашања Мартин Грифитс. Време е да им одржиме лекција“, рече амбасадорот на Израел во ОН, Гилад Ердан.
Израелски дипломат на платформата „Х“ изјави дека Гутереш всушност „изразил оправдување за тероризам и убиства“.
Гутереш на седницата на Советот за безбедност изјави дека нападот на Хамас претходно овој месец, во кој загинаа околу 1.400 луѓе – главно цивили – не се случи „во вакуум“ и дека палестинскиот народ се гуши под окупација веќе 56 години.
Гутереш, исто така, изјави дека одговорот на Израел на нападот всушност претставува „колективна казна“ на палестинскиот народ, што е воено злосторство како што е наведено во одредбите на Женевската конвенција.
Израелските власти го повикаа Гутереш да поднесе оставка.
Подготвено од А.Ѓ.