27.10.2023 Скопје
Израелскиот министер за одбрана Јоав Галант изјави дека копнените операции во Газа ќе започнат кога ќе се создадат соодветни услови и дека Израел нема интерес да ја прошири војната. Хамас тврди дека речиси 50 заложници биле убиени за време на израелското бомбардирање на Газа.
Министерството за здравство на Газа соопшти дека повеќе од 7.000 жители на Газа се убиени од почетокот на конфликтот. Лидерите на ЕУ повикаа на пауза во војната и хуманитарните коридори за Појасот Газа.
Шефот на политичкото биро на Хамас, Исмаил Ханије, рече дека военото крило на Хамас, Бригадата Ал Касам ќе продолжи да ги засилува нападите и дека „отпорот“ во Газа е непоколеблив.
Тој рече дека „отпорот“ е „национално-ослободително“ движење кое се обидува да го ослободи својот народ и својата земја.
Ханије посочи дека израелските напади во Газа ќе го дестабилизираат целиот регион и дека никој не може да предвиди како понатаму ќе се развиваат работите.
Ханије ги повика „сојузничките, братски нации“ да извршат притисок да ги запрат нападите врз Газа и итно да ги отворат сите гранични премини, вклучително и граничниот премин Рафа со Египет, со цел да се достави потребната помош.
Војната меѓу израелската армија и Хамас влезе во својот 20-ти ден.
Подготвено од А.Ѓ.