zemjotres

04.10.2023 Скопје

Стотици мали земјотреси ја погодија густо населената вулканска област западно од италијанскиот град Неапол во последните неколку недели, што ја натера владата да подготви планови за масовна евакуација.

Во последниот од долгата серија потреси, земјотрес со јачина од 4 степени според Рихтеровата скала го погоди регионот на Флегранските полиња во понеделникот.

Експертите од италијанскиот Национален институт за геофизика и вулканологија (INGV) ги предупредија властите и жителите дека потресите би можеле да се засилат во блиска иднина, бидејќи сеизмичката активност продолжува, но исто така појаснија дека интензитетот на тресењето не значи зголемен или непосреден ризик од нова ерупција.

„Сеизмичката активност се интензивира со месеци. Набљудивме над 3.000 земјотреси од почетокот на 2023 година, но само 65 од нив беа посилни од 2 степени“, рече истражувачот на INGV, Џанфилипо Де Астис.

Министерот за цивилна заштита Нело Мусумечи изјави дека Владата ја забрзала изработката на „плановите за евакуација во случај на вонредна ситуација“, за што треба да се расправа на следната владина седница.

Според постоечките планови за евакуација, кога ќе се достигне нивото на тревога, стотици илјади луѓе кои живеат во најопасните области ќе бидат преместени во други италијански региони.

Ризикот од вулканска ерупција во целиот регион Јужна Кампанија, вклучително и Неапол, би влијаел на околу три милиони луѓе, кои се наоѓаат на површина од околу 15-20 километри од можна ерупција.

„Нема сомнеж дека плановите треба да се ажурира, но тоа е сложено прашање. Секако, мора да се прошират патиштата за евакуација за да им се овозможи на луѓето побрзо да ја напуштат областа“, рече Де Астис.

Тој предупреди дека „психолошките фактори“ се многу понепредвидливи.

„Имаме претходно искуство со ерупции, каде што граѓаните одбиваа да ги напуштат своите домови и претпочитаа да останат и да умрат. Што точно да се прави во тој случај?“, изјави Де Астис.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author