nastavnici

18.10.2023 Скопје

Во Хрватска се намалува интересот за работа во училиште, додека наставниците од најбараните СТЕМ-предмети заминуваат на подобро платени работни места, односно во приватни училишта или во ИТ-индустријата. Поради тоа, Хрватска воведе СТЕМ-стипенди.

На веб-страницата на Агенцијата за вработување пишува дека се бара професор по италијански јазик, професор по математика, наставник по информатика, наставник по физика.

Од Агенцијата за вработување додаваат дека веб-страницата на кое било училиште во Хрватска има најмалку два-три огласи за вработување наставници во предметна или одделенска настава и наставници по стручни предмети во стручните училишта.

Иако велат дека зголемениот број на огласи во септември и октомври е нормален, сите признаваат дека тоа е панична ситуација. Речиси 8 отсто од вработените професори по математика и физика се нестручни, што значи дека немаат завршено наставничка или педагошка насока.

Директорката на основното училиште „Матије Гупча“ во Загреб, Љиљана Клингор, истакна дека многу конкурски се повторуваат и по пет-шестпати, а со оглед на тоа што побарувачката е поголема од понудата, наставниците се почесто менуваат работни места и ова првенствено ги остава учениците на цедило.

„Она што се случува во сите училишта во Загреб се случува и во нашето, но недостигот на наставници е тренд низ цела Европа. Во некои европски земји применуваат вешт маневар: ги ставаат предметите како биологија, физика или хемија под заедничкото поле на „науката“, со што ја намалуваат потребата од поголем број наставници. Секако, факт е дека државните училишта не можат да одговорат на барањата на пазарот. Приватните училишта можат, па сѐ повеќе наставници што сакаат да останат да работат во образование, одат во приватни училишта, кои им нудат значително повисоки плати. Оние што не сакаат да работат во образование, одат во ИТ-секторот, каде што платите се неспоредливо повисоки“, истакна Клингор.

Директорката на основното училиште „Марија и Лина“, Сања Закиња, истакна дека кога ќе го погледне вкупниот наставен кадар во училиштето, 95 отсто од наставниците се стручно покриени.

„Сите наши учители завршија педагошки факултет, сепак, има смена на генерации, па сега има недостиг на кадар. Тешко е да се најдат стручни наставници. Имаме среќа и во соработка со градот Умаг, на млад наставник можеме да му понудиме стан во градот или еден од неколкуте станови уредени во училиштето. Становите во Истра се многу скапи, 400-500 евра месечно, па младите наставници не можат да си ги дозволат. Со ваква понуда успеваме да ангажираме наставници во градот“, додаде Закиња.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author