10.10.2023 Скопје
VW на пазарот на електрични автомобили влезе подоцна од конкуренцијата. Откако амбициозно започна со производство во 2020 година, се чинеше дека VW од Волфсбург, Германија наскоро може да се позиционира како еден од водечките светски производители на е-автомобили.
Но, пазарот се покажа многу понестабилен од она што беше напишано во проекциите на германските менаџери. Облаци од олово се надвиснаа над голем дел од индустријата, а покрај тоа што Volkswagen пред само неколку месеци најави нови инвестиции во електрични возила, катанците на фабричките врати се заклучени.
Имено, пред десетина дена добиена е вест дека во Цвикау и Дрезден, Volkswagen го прекинува производството на електрични автомобили VW ID3 и Cupra. Прекинот на производството засега важи само за првите две недели од октомври. Причината е навидум едноставна; значително слабеење на побарувачката.
„Поради моменталната состојба на пазарот, производството ќе биде намалено за време на есенските празници во Саксонија од 2 до 13 октомври во фабриката на VW во Цвикау“, изјави портпаролот на компанијата.
Една од двете производни линии ќе биде привремено затворена во фабриката во Цвикау. Производството на моделите ID4, ID5, Audi Q4 e-tron и Audi Q4 Sportback e-tron ќе продолжи, додава Volkswagen.
VW одби да коментира како тоа ќе влијае на вработените. Но, пораката од септември беше јасна кога најавија дека нема да ги продолжат договорите на определено време за 269 вработени во Цвикау.
Зошто токму сега беше затворен полигонот? Падот на побарувачката за германски електрични автомобили може да се објасни со неколку фактори.
Пред се, постои конкуренција. Тесла подобро кореспондира со желбите на потрошувачите на електрични автомобили. Уште повеќе, може да се каже дека Тесла на Илон Маск всушност самата ја создаде желбата за такви возила. VW и другите производители допрва треба да најдат начин да го победат Маск во неговата сопствена игра.
Други се повеќе избираат да купуваат кинески е-автомобили. Со толку ниски производствени цени Европејците не можат да се снајдат. Причина за намалената побарувачка е и порастот на цените на енергенсите, односно инфлацијата.
Секако, треба да се спомене и укинувањето на стимулациите. Од 1 септември, само приватни лица имаат право на премии при купување електронски возила во Германија. Компаниите кои купуваат е-возила повеќе нема да добиваат стимулации од државата.
Германското здружение на автомобилската индустрија смета дека целосното укинување на стимулациите за службените возила „ќе му наштети на пазарот и ќе им нанесе дополнителен товар на средните компании“.
Веќе во средината на 2022 година, владата ја намали вредноста на субвенциите за новите е-автомобили, тврдејќи дека тие станале доволно привлечни за купувачите и дека веќе не е потребна државна помош. Бројот на електрични возила во Германија веднаш потоа падна.
Лани купувачите на е-автомобили добија од државата до 6.000 евра за набавка на ново возило (со 3.000 евра попуст од самите производители на автомобили) На почетокот на оваа година субвенцијата падна од 3.000 на 4.500 евра и дополнително ќе се намалува од јануари 2024 година.
Германија има за цел да има 15 милиони е-автомобили на патиштата до 2030 година, но експертите велат дека има мали шанси целта да биде исполнета.
Подготвено од А.Ѓ.