27.10.2023 Скопје
Германската влада го одобри нацрт-законот кој има за цел да го олесни депортирањето на неуспешните баратели на азил, откако канцеларот Олаф Шолц минатата недела изјави дека Германија мора да започне со „големи“ депортации на мигрантите кои немаат право да останат во земјата.
Предлог-законот, со кој ќе биде потребно одобрение од парламентарното мнозинство за да стапи во сила, предвидува продолжување на максималната должина на притворот пред депортација од 10 дена на 28 дена, како и олеснување на депортацијата на лица кои се членови на криминална организација.
Законот, исто така, ќе овласти претрес на станбени згради во потрага по документација која им овозможува на службениците со сигурност да го одредат идентитетот на лицето, како и укинување на обврската на органот однапред да го извести лицето за депортација во некои случаи.
Засолништата за мигранти во Германија забрзано се полнат во последните месеци бидејќи значително повеќе баратели на азил влегуваат во земјата, а покрај тоа, веќе има повеќе од милион Украинци кои пристигнале во земјата од почетокот на војната со Русија.
Ненси Фесер, германската министерка за внатрешни работи, го објави новиот закон пред две недели, велејќи дека земјата годинава депортирала 27 отсто повеќе луѓе отколку минатата година.
Мнозинството одбиени баратели на азил во Германија сè уште имаат барем дозвола за привремен престој поради причини како што се болест, дете со статус на престој или недостаток на лична карта.
Фесер додаде дека сака и да ги зголеми минималните и максималните казни за лицата кои криумчарат мигранти и се надева дека владата ќе може да ги одобри тие измени уште на почетокот на ноември.
Таа изјави и дека планира да ја продолжи контролата на германската граница со Полска, Чешка и Швајцарија за најмалку 20 дена.
Подготвено од А.Ѓ.